СКАРДУ
Бехлул ЧЕТИНКАЈА
Глечерот Сиачен, една од причините за судирот меѓу Индија и Пакистан во периодот 1984-2003 година, се смета за највисокото боиште на светот. Глечерот е обиколен е со врвови повисоки и од 8.000 метри, а неговата убавина, но и условите за живот, за првпат ги забележа екипата на Anadolu Agency (AA).
Подрачјето што се наоѓа на тромеѓето Пакистан, Кина и Индија во потполност е оковано во лед и снег. Глечерот е подолг од 70 километри, а тоа е причината поради која Сиачен се смета за трет најголем глечер на светот, а подрачјето се нарекува и „Трет пол“.
Покрај глечерот Сиачен, на тоа подрачје се наоѓа и глечерот Балторо, со должина од 62 километри. Овој глечер, кој е обиколен со 7 од 25-те највисоки врвови на светот, привлекува бројни авантуристи и планинари.

Глечерите се од витално значење за Пакистан бидејќи од нив се снабдува со вода реката Инд и другите реки кои се поврзани со неа. Од друга страна, тие се значајна стратегиска точка бидејќи се наоѓаат на границата меѓу Пакистан и Кина.
Со оглед на тоа што глечерите се продолжение на спорната територија Кашмир, Индија и Пакистан сметаат дека имаат одредени права.
- Војната избувна кога двете армии порачаа воена опрема од иста компанија
Контролата над глечерите, во согласност со Договорот од 1949 година, кога е воспоставена Линијата на контролата во Кашмир, наидува на различни интерпретации поради текстот „од Линијата на контролата кон север“.
Индија тврди дека таа линија треба да оди кон север, по должината на планината Салторо, така што глечерот Сиачен потпаѓа под нејзини граници, додека Пакистан смета дека линијата треба да продолжи по должината на Превојот „Каракорум“, со што глечерот ќе биде на пакистанска територија.
Индиската војска ја започна првата операција откако дозна дека од компанијата со англиско потекло, од која се снабдува со воена опрема наменета за екстремно студени услови, истата опрема ја порачал и Пакистан. Пакистан одговори на нападот.
По реакцијата од страна на Пакистан, избувна војна „на кровот од светот“.
Во оваа војна Индија успеа да воспостави контрола над две третини од глечерот Сиачен, додека глечерот Балторо во потполност потпадна под пакистанска контрола.
- Војниците пешачат со денови за да стигнат до своите позиции
По „Војната за Сиачен“, Пакистанската војска зазеде низа врвови. Оттогаш, двете земји праќаат војска на територијата што ја контролираат и таму поставуваат воени пунктови.
Пакистанската војска за екипата на АА ги отвори вратите на своите пунктови во Сиачен. Мехмет Озтурк, уредникот на вестите на АА на светски јазици, репортерите на АА од Исламабад, Бехлул Четинкаја и Исламудин Сајид, станаа првите странски претставници на медиумите кои успеаја да ги забележат условите во кои живеат војниците на подрачјето на Сиачен.
Базата во Скарду, во Гилгит-Балтистан е место од каде што со хеликоптери се праќа воена опрема, храна, вода и други потреби за војниците во Сиачен.
Хеликоптерите летаат над планинските врвови високи неколку илјади метри, оковани со лед, и над долините. Пилотите што летаат над тие подрачја честопати се нарекувани и „Бестрашна 5-ка“.

Пилотите истакнуваат дека тие се единствените кои летаат на таа висина.
Патот од Скарду до последното село на глечерите Балторо и Сиачен може да потрае и до 5 часа, по што војниците, кои се позиционирани на набљудувачките точки и пунктови, до таму треба да одат пеш.
Патот до највисоките точки сместени на околу 6.000 метри надморска висина трае и подолго од еден месец. Причина за тоа се климатските услови и адаптирањето на нивото на кислород. Војниците, во текот на патувањето, на пунктовите поминуваат и по неколку дена, со цел да се адаптираат на климатските услови.
- Стотици боци со кислород на пунктовите
На пунктовите што се нарекуваат и „игло“ за двајца, кои се кружни монтажни објекти и објекти изработени од камен, има и воен лекар и неколку стотици боци со кислород. Бројни боци со кислород наменети за пилотите и патниците има и во хеликоптерите.
Енергијата на тие простори се добива преку соларни панели, а водата со топење на снегот.
На војниците и посетителите им се советува дневно да консумираат најмалку 15 чаши вода, за да ги избегнат здравствените тегоби.
Освен тоа, војниците пред да бидат испратени на ова подрачје, минуваат низ лекарски преглед.
- Екстремно ниска температура на воздухот до -50 степени
Сите пакистански војници минуваат најмалку 21 ден на овој терен, а одредено време минуваат и на пунктовите што се поставени на висини повисоки од 6.000 метри.
Војниците вкупно минуваат и до 2 години на пунктовите близу Сиачен.
Дневните температури на воздухот на ова подрачје во текот на посетата на екипата на АА изнесуваа меѓу 5 и 10 степени, додека во текот на ноќта изнесуваа -5 степени Целзиусови.
Сепак, војниците со кои екипата на АА имаше можност да разговара, тврдат дека температурата на водухот во текот на зимскиот период знае да изнесува и до -50 степени.
Многу луѓе се разболеле поради тешките услови на теренот, а хеликоптерите понекогаш не можеле да полетаат и по 20 дена, што било причина голем број од болните да починат.
Многумина од нив, и покрај преземените безбедносни мерки, настрадале поради пад во бездните на глечерите.

- Лавина која усмрти 140 војници
Временските услови на подрачјето на Сиачен се еден од најголемите непријатели за двете земји.
Според податоците на пакистанските воени претставници, околу 70 отсто од настраданите војници од 1984 година досега починале поради неповолните временски услови. Од 470 пакистански војници што ги загубија животите во изминатите 35 години, 140 настрадаа од лавината која падна на точката Гјари.
Во спасувачката операција учествуваа стотици војници и странски тимови, а помош понуди дури и Индиската војска.
Првото тело е извлечено по 21 ден, а акцијата траеше подолго од една година, во текот на која се извлечени телата на 133 војници. Пакистанската војска претпоставува дека под снежната покривка се наоѓаат телата на уште 7 војници.
- Алпинистите ги спасува Пакистанската војска
Во близина на глечерот Балторо се наоѓаат 7 од 25-те највисоки врвови во светот. Тука се наоѓа вториот по висина, К2, и врвовите Широк врв, Гашербрум и Машербурум.
Планинарите од сите делови на светот доаѓаат на тоа подрачје со намера да ги „освојат“ врвовите, а камповите ги поставуваат во близина на воените пунктови.
Помош на алпинистите во текот на нивниот обид да ги освојат популарните врвови им пружаат и пакистанските војници.
Според извештајот на пакистанскиот Метеоролошки оддел од 2017 година, поради големиот интерес на алпинистите и љубителите на екстремните спортови за глечерот Балторо и воените активности во подрачјето на глечерот Сјахен, доаѓа до зголемено топење на глечерите.
Поради забрзаното топење на глечерите во последните 30 години, во алармантна состојба е нивото на глечерите.
Бројни експерти и меѓународните организации предупредуваат дека зголеменото движење на луѓето во тоа подрачје доведува до топење на ледот на глечерот Сиачен.
Поранешниот пакистански премиер, Наваз Шариф, сакаше во најмала рака на тоа подрачје да се намали воената подвижност и отпадот што го создава присуството на војниците, при што на Генералното собрание на Обединетите нации ѝ се обрати на Индија со барање двете држави да ги повлечат своите трупи од регионот на Сиачен, но ова барање беше одбиено.