Ömer Tuğrul Çam
29 Април 2021•Ажурирај: 30 Април 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европскиот парламент (ЕП) донесе законска регулатива со која се бара терористичките објави на интернет да се отстранат од провајдерите за еден час, со цел да се спречи ширењето на терористички содржини, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Со новата регулатива подготвена од Комисијата на ЕУ, дигиталните платформи во земјите на ЕУ ќе треба да го отстранат или блокираат пристапот до објавите што е можно поскоро.
Содржината ќе треба да се отстрани или блокира во рок од 1 час.
Упатството за отстранување на содржината до интернет-провајдерите ќе биде испратено од страна на надлежните органи на земјите од ЕУ.
Законската регулатива ќе треба да се применува од страна на компаниите кои даваат интернет-домени, без оглед дали се основани во ЕУ или не.
Компаниите ќе бидат казнети доколку содржината не се отстрани или блокира предвидено со законските прописи.
Казната може да биде дури 4 проценти од глобалниот годишен обрт на компанијата која дава интернет-домени. Лицата или деловните субјекти чија содржина е отстранета ќе имаат право да се жалат. Исклучоци ќе можат да се направат во областа на образованието, уметноста, новинарството и истражувањето.
Комисијата на ЕУ, по терористичките напади во некои европски земји, во септември 2018 година даде законски предлог за да се спречи радикализирање на терористите, регрутирање и промовирање насилство со употребата на интернет.
За регулативата беше постигнат консензус во декември 2020 година.
Некои невладини организации и политичари кои ја критикуваа регулативата тврдат дека законот ќе ги принуди технолошките компании да користат некои алгоритми бидејќи им е дадено многу кратко време, така што некои содржини може да се блокираат, дури и ако не се поврзани со тероризам.
Покрај тоа, беше наведено дека отсуството на каква било судска контрола и фактот дека една земја може да нареди отстранување на содржината објавена во друга земја, ја загрозува слободата на изразување и ја загрозува демократијата.
Земјите од ЕУ законодавството треба да го приспособат на нивниот национален закон од следниот месец.
Низ цела Европска Унија (ЕУ) законот ќе биде целосно спроведен по една година.