Ekip
17 Мај 2022•Ажурирај: 17 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за одбрана на ЕУ треба да одобрат уште 500 милиони евра (околу 524 милиони долари) воена помош за Украина, изјави денес шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Мораме да продолжиме да ги поддржуваме Украинците со оружје, затоа ќе повлечеме уште 500 милиони евра од Европскиот мировен фонд“, им рече Борел на новинарите упатувајќи се на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ.
Новата транша за воена поддршка ќе ја зголеми воената помош на блокот на 2 милијарди евра.
Борел објасни дека министрите за одбрана ќе разговараат за ситуацијата во Мали, како и за плановите за реформирање и зајакнување на воените капацитети на блокот во подготовка за самитот на лидерите на ЕУ.
Шефот за надворешна политика на ЕУ во соработка со Европската комисија моментално работи на извештајот кој проценува колку ЕУ треба „да инвестира за да ги зголеми одбранбените капацитети пред новите закани и предизвици со кои се соочува“, рече тој.
Министрите ќе разговараат за последните случувања во војната во Украина, како и за апликацијата на Шведска и Финска за членство во НАТО.
Според Борел, двете земји „ќе добијат силна поддршка од сите земји-членки бидејќи тоа го зголемува нашето единство и не прави посилни“.
На состанокот ќе учествуваат и заменик-генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана и украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.
ЕУ одвои 1,5 милијарди евра воена помош за Украина и мобилизираше повеќе од 4 милијарди евра макрофинансиска помош, хуманитарна помош и поддршка за земјите од ЕУ кои ги примиле бегалците од Украина од почетокот на војната на 24 февруари.
Исто така, усвои пет групи санкции против Русија, насочени кон поединци, вклучително и рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како и забрана за извоз на луксузни стоки и увоз на јаглен и исклучување на руските и белоруските банки од користење на меѓународниот платен систем СВИФТ.