Ekipa
18 Јули 2022•Ажурирај: 19 Јули 2022
БРИСЕЛ (АА) - Шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Џозеп Борел, денес изрази надеж дека дипломатските напори предводени од Туркије за деблокирање на извозот на украинското жито ќе донесат договор оваа недела, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел даде изјава за новинарите пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
„Јас се надевам дека оваа недела ќе биде можно да се постигне договор за деблокирање на Одеса и други украински бродови“ за извоз на житото, рече Борел за преговорите предводени од Туркије.
Тој истакна дека тоа „не е дипломатска игра“ бидејќи животите на „десетици илјади луѓе зависат од договорот“.
Борел, исто така, ја отфрли можноста за прекин на „поддршката за Украина и воведување санкции против Русија“ дури и ако Москва се закани дека ќе го намали снабдувањето со гас на Блокот.
Тој објасни дека министрите за надворешни работи на ЕУ ќе дискутираат за забрана на увоз на руското злато и други измени на постоечките санкции за нивна подобра имплементација.
Министрите исто така ќе говорат и за плановите за засилување на воената помош за Украина, а на утринската сесија ќе се приклучи и украинскиот министер за надворешни работи Димитро Кулеба, додаде Борел.
Попладне, министрите на ЕУ ќе разговараат и за последните случувања во процесот на пристапување во ЕУ на Северна Македонија и Албанија, за односите на Блокот со Латинска Америка и за дигиталната дипломатија.
ЕУ воведе шест пакет-санкции кон Русија од почетокот на руската војна во Украина на 24 февруари.
Санкциите, меѓу останатите, го вклучуваат и рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, вклучуваат забрана за увоз на нафта и јаглен, извоз на луксузни стоки, како и исклучување на руските и белоруските банки од употреба на системот СВИФТ.