Ekipa
22 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, денеска соопшти дека Блокот ќе подготви нови санкции против Москва и ќе ја зголеми воената поддршка за Украина како одговор на делумната мобилизација во Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние ќе продолжиме и ќе ја зголемиме нашата воена поддршка, обезбедувајќи ѝ на Украина оружје, и ќе разгледаме како да усвоиме нови рестриктивни мерки против Русија“, изјави Борел за новинарите по вонредниот состанок на високите дипломати на ЕУ на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Борел свика состанок откако рускиот претседател Владимир Путин вчера нареди делумна мобилизација, а властите поддржани од Русија еден ден претходно објавија дека сакаат да одржат референдуми во четири украински региони за припојување кон Русија.
Тој ја нарече стратегијата на Путин за мобилизирање „300.000 војници и ова повикување на нуклеарно оружје“ еден „неодговорен и циничен обид за поткопување“ на меѓународниот мир и безбедност во невидени размери.
Нагласи дека последниот потег на Русија нема да ја промени решеноста на ЕУ „да стои покрај Украина и нашата сеопфатна поддршка за способноста на Украина да го брани својот територијален интегритет и суверенитет колку што е потребно“.
Тој потврди дека ЕУ ќе продолжи да ја финансира испораката на оружје за Украина преку Европскиот мировен фонд.
Без да открива конкретни детали, Борел рече дека претставниците на ЕУ „ќе разгледаат нов пакет санкции што ќе влијае на нови делови од руската економија за комплетирање на технолошките“, а ќе влијае и на нови поединци.
Според весникот „Политико“, планот за санкции вклучува лимитирање на цената на руската нафта и забрана за увоз на руски луксузни стоки.
Се очекува амбасадорите на ЕУ за деталите да разговараат утре (петок).
Од почетокот на руската војна врз Украина, Блокот обезбеди вкупно 2,5 милијарди евра воена помош и гориво.
ЕУ досега има воведено седум пакет санкции, таргетирајќи ги, меѓу останатите, и Путин и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, забранувајќи го увозот на злато, нафта и јаглен, извозот на луксузни стоки и високотехнолошка технологија, а во санкциите е и исклучувањето на руските и белоруските банки од меѓународниот платежен систем СВИФТ.