Ekip
23 Февруари 2021•Ажурирај: 24 Февруари 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) денес најави 39 милиони евра хуманитарна помош за Рохинџите во Мјанмар и Бангладеш, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тоа изнесува 47,4 милиони долари помош.
„ЕУ ќе издвои 24,5 милиони евра (30 милиони долари) за хуманитарните организации во Бангладеш и 11,5 милиони евра (14 милиони долари) за организациите во Мјанмар“, се наведува во соопштението на Европската цивилна заштита и операции за хуманитарна помош.
Помошта е наменета за бегалците Рохинџи за да можат да обезбедат храна, засолниште, основни средства за хигиена, но и за поддршка на образованието во заедниците погодени со конфликти.
„Неодамнешниот воен удар во Мјанмар ризикува да ја влоши веќе лошата хуманитарна криза која влијае врз населението погодено од конфликт. Во Бангладеш, пандемијата на коронавирусот неповолно влијае на веќе тешките услови на речиси милион бегалци Рохинџи во камповите и заедниците“, наведе европскиот комесар за одговор на кризите, Јанез Ленарчиќ.
Блокот ќе издвои уште три милиони евра (3,4 милиони долари) за бегалците Рохинџи во другите соседни земји.
Во Мјанмар се одржуваа големи протести откако Војската на 1 февруари прогласи вонредна состојба. Безбедносните сили во земјата реагираа со насилство на протестите.
Повеќе од 750.000 бегалци Рохинџи, главно жени и деца, побегнаа од Мјанмар во Бангладеш, откако силите на Мјанмар во август 2017 година започнаа да ја потиснуваат малцинската муслиманска заедница, покажуваат податоците на организацијата „Амнести интернешнал“.
Од 25 август 2017 година, државните сили на Мјанмар убија речиси 24.000 муслимани Рохинџи, покажа извештајот на Агенцијата за меѓународен развој Онтарио (OIDA).