ЕУ: Ел-Фашер стана „гробница на човештвото“, недостапен за хуманитарна помош
- Портпаролката на Европската комисија, Ева Хрнцирова, на редовниот брифинг изјави дека Судан претставува една од најтешките хуманитарни кризи во светот
БРИСЕЛ (АА) – Европската Унија (ЕУ) денес предупреди дека опколениот судански град Ел-Фашер повеќе не е достапен за хуманитарните работници, оценувајќи дека тој „се претворил во гробница на човештвото“, јавува Анадолу.
Портпаролката на Европската комисија, Ева Хрнцирова, на редовниот брифинг изјави дека Судан претставува една од најтешките хуманитарни кризи во светот, додека цивилите остануваат заробени под опсада, болниците се бомбардираат, а патиштата за помош се блокирани.
„Ел-Фашер не е достапен за хуманитарните работници. Можам дури да кажам дека Ел-Фашер стана гробница на човештвото“, рече таа.
Хрнцирова најостро ги осуди злосторствата во Судан, нагласувајќи дека гладот и масовните убиства не смеат да се користат како оружје во војна, бидејќи тоа претставува прекршување на меѓународното хуманитарно право.
Таа ги повика сите вооружени страни да се вратат на преговарачката маса и итно да постигнат траен прекин на огнот, нагласувајќи дека Европската Унија е подготвена да ги поддржи и разговорите и спроведувањето на евентуален договор.
Портпаролката повика и на „итен, безбеден и непречен пристап на хуманитарните организации“ до сите подрачја погодени од конфликтот.
На 26 октомври, паравоената група Сили за брза поддршка (RSF) го зазеде градот Ел-Фашер, главниот град на сојузната држава Северен Дарфур, при што, според локални и меѓународни организации, изврши масакри врз цивилното население.
Од 15 април 2023 година, суданската Армија и РСФ се во војна на која регионалните и меѓународните посредници не успеаја да ѝ стават крај.
Во конфликтот убиени се илјадници луѓе, а милиони се раселени.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
