ЕУ го казни X со 120 милиони евра поради прекршување на правилата за транспарентност
- Според Комисијата, X ги довел корисниците во заблуда преку „измамничкиот дизајн“ на синиот беџ, не ги исполнила обврските за транспарентност во своето рекламно складиште и им го отежнал пристапот на истражувачите до јавни податоци
ЛОНДОН (АА) – Европската комисија изрече парична казна од 120 милиони евра на американската платформа за социјални медиуми X, во сопственост на Илон Маск, поради повеќе прекршувања на Законот за дигитални услуги (DSA), со што е донесена првата одлука за неусогласеност со овој нов европски регулативен рамковен закон, јавува Анадолу.
Според Комисијата, X ги довел корисниците во заблуда преку „измамничкиот дизајн“ на синиот беџ, не ги исполнила обврските за транспарентност во своето рекламно складиште и им го отежнал пристапот на истражувачите до јавни податоци.
Европските регулатори утврдиле дека платениот систем за „верификација“ – синиот беџ – создава погрешна слика за автентичност, со што ги изложува корисниците на ризик од измами и имитации, што претставува прекршување на член 25(1) од DSA, кој забранува измамнички дизајнерски практики.
Платформата, како што се наведува, не ги исполнила ниту стандардите за транспарентност на рекламирањето. Во рекламното складиште на X биле пронајдени технички бариери, како долги временски периоди на обработка, но и недостиг на клучни информации – содржина на огласот, тема и плаќачките субјекти.
Овие пропусти, според Комисијата, значително го ограничуваат истражувањето на измами, координирани кампањи за влијание и други ризици на платформата.
Дополнително, правилата на X за пристап до јавни податоци – вклучително и ограничувањата за „scraping“ – биле оценети како „непотребни пречки“ кои им ја попречуваат работатa на истражувачите што се обидуваат да ги анализираат системските ризици во ЕУ.
Паричната казна, нагласи Комисијата, ја одразува тежината, влијанието и траењето на прекршувањата.
„Мамењето на корисниците со сини беџови, сокривањето информации за рекламите и оневозможувањето пристап за истражувачите немаат место во европскиот онлајн простор. ДСА ги штити корисниците и овозможува откривање потенцијални закани. Со оваа прва одлука за неусогласеност, го сметаме X одговорен за поткопување на правата на корисниците и избегнување одговорност“, изјави Хена Виркунен, извршна потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија.
X сега има 60 работни дена да наведе како ќе го поправи измамничкиот систем за ознаки и 90 дена да поднесе акционен план за транспарентност на рекламите и пристап до податоци од истражувачите. Непочитувањето на прописите може да предизвика дополнителни казни.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
