Nilay Kar
25 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија ги заврши подготовките за сценариото за Брегзит без договор, истакна денес Европската комисија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Иако сценариото за Брегзит без договор не е пожелно, ЕУ е подготвена за тоа“, се вели во денешното соопштение на Комисијата.
„Сега е важно секој да биде подготвен и свесен за практичните последици што ги носи сценариото без договор“, се додава.
Комисијата ги повика сите граѓани и бизниси на ЕУ да продолжат да се информираат за последиците од можното сценарио на Брегзит без договор, и да ја завршат нивната подготвеност за тоа.
По поднесеното барање од страна на британската премиерка Тереза Меј, Европскиот совет (член 50) во четвртокот на 21 март се согласи да го продолжи рокот за заминување на Велика Британија од ЕУ до 22 мај 2019 година, доколку Договорот за повлекување биде одобрен од Долниот дом на Парламентот до 29 март 2019 година.
„Доколку Договорот за повлекување не биде одобрен од страна на Долниот дом на Парламентот дотогаш, Европскиот совет се согласи на продолжување до 12 април 2019 година. Според тоа сценарио, Велика Британија ќе се очекува да укаже на понатамошните чекори пред овој датум“, се вели од Европската комисија.
Велика Британија на 29 март 2017 година го покрена член 50 - двегодишна процедура на преговори за која било членка во заминување од ЕУ - откако Британците на референдумот во 2016 година одлучија да го завршат над 40-годишното партнерство со Блокот.
„Во сценариото за Брегзит без договор, Велика Британија ќе стане трета земја без какви било транзициски аранжмани. Сите основни и секундарни закони на ЕУ ќе престанат да важат за Велика Британија од тој момент“, се вели од Комисијата.
„Граѓаните на Велика Британија повеќе нема да бидат граѓани на Европската Унија“, се вели во соопштението, додавајќи дека: „Тие ќе бидат предмет на дополнителни проверки при преминувањето на границите во Европската Унија“.
„ЕУ ќе мора веднаш да ги примени своите правила и тарифи на нејзините граници со Обединетото Кралство. Ова вклучува проверки и контроли на царинските, санитарните и фитосанитарните стандарди и потврдување на усогласеноста со нормите на ЕУ“, се додава во соопштението.