Ömer Tuğrul Çam
07 Јануари 2021•Ажурирај: 08 Јануари 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) соопшти дека во Венецуела ќе продолжи да работи со опозицискиот лидер Хуан Гваидо, откако владината коалиција предводена од претседателот Николас Мадуро победи на парламентарните избори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Комисијата на Европската Унија (ЕУ), Питер Стано, на дневната прес-конференција одговори на прашањето зошто во вчерашната изјава на ЕУ по парламентарните избори во Венецуела, не е спомнат Хуан Гваидо како „привремен претседател“.
Наведувајќи дека ЕУ не зазема став дали да признава или не признава некого, рече дека за прашањето за признавање на некои лица одговорни се владите на самите земји членки на ЕУ.
„Нашето вчерашно соопштение е прифатено од 27-те членки на ЕУ. Текстот ја пренесува позицијата на ЕУ. А тоа е: ‘Ние ги прифаќаме Хуан Гваидо и последните парламентарци кои беа избрани на демократски начин, чиј мандат сега е веќе завршен, како наши соговорници.‘ Ќе продолжиме да работиме со овие луѓе“, рече Стано.
Стано нагласи дека со опозицијата на Венецуела ќе се обиде да најде мирно, одржливо и демократско решение за политичката криза во земјата.
ЕУ тврди дека резултатите од парламентарните избори на 6 декември 2020 година не се „доверливи, инклузивни и транспарентни“ и не ја претставуваат демократската волја на венецуелскиот народ.
Владината коалиција предводена од претседателот Николас Мадуро победи на парламентарните избори во Венецуела, а противниците кои ги бојкотираа изборите, предводени од екс-претседателот на Националното собрание, Хуан Гваидо, најавија дека ќе одржат алтернативни избори.
Гваидо, претседателот на поранешниот Парламент кој беше формиран по изборите во 2015 година, се прогласи за „претседател“, по протестите против Мадуро во земјата пред две години.
Американската администрација продолжува да го признава Гваидо за легитимен претседател на Венецуела.