Davut Demircan
09 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот секретар за одбрана, Марк Еспер, вчера изјави дека Иран во текот на ноќта истрелал повеќе од десетина балистички проектили од три локации во земјата врз две ирачки бази каде што се распоредени американските војници, но дека немало жртви поради системите за рано предупредување на војската, јавува Агенција Анадолија (АА).
Еспер зборуваше на прес-конференција во Пентагон по состанокот со началникот на Генералштабот на американската Војска, генерал Марк Мајли, и членовите на Претставничкиот дом и Сенатот.
„Иран минатата ноќ истрела 16 проектили со краток дострел од три различни региони врз две бази каде што САД и коалициските војници се стационирани. Единаесет проектили ја погодија базата „Ајн ал Асад“, а еден проектил ја погоди базата „Ербил“. Во базата „Ал Асад“ се оштетени магацин, паркинг и хеликоптер“, изјави Еспер.
„Четири од ракетите се дефектни и не успеале да ги погодат нивните цели“, додаде тој.
Еспер не одговори на прашањата за тоа дали САД и Ирак биле информирани пред нападот.
Тој изјави дека нападите не биле случајни.
„Врз основа на она што го видов, ова беше напад со намера да се предизвика структурална штета и загуба на персоналот“.
Нападите беа спроведени од Иранската револуционерна гарда (IRGC).
Иран вели дека нападите дошле како одговор на минатонеделното убиство од страна на САД на генералот Касим Сулејмани, челникот на елитните сили „Кудс“ при Иранската револуционерна гарда.