Burç Eruygur,Elena Teslova
19 Декември 2025•Ажурирај: 19 Декември 2025
МОСКВА/ИСТАНБУЛ (АА) - Ерменскиот премиер Никол Пашинјан денес разговараше со заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, известува Анадолу.
Во соопштението на Кабинетот на ерменскиот премиер се вели дека Пашинјан и Шекеринска разговарале за прашања поврзани со развојот на партнерството меѓу Ереван и НАТО, како и за соработката со алијансата.
„Премиерот Никол Пашинјан истакна дека Ерменија ѝ придава голема важност на соработката со меѓународните партнери, вклучително и НАТО, во унапредувањето на агендата за безбедност и стабилност во регионот“, се вели во соопштението.
Шекеринска, од своја страна, изразила благодарност за партнерството меѓу Ерменија и НАТО, заблагодарувајќи му се на Пашинјан за продуктивниот разговор.
Во соопштението се додава дека во разговорите се осврнале на развојот на настаните по потпишувањето на заедничката декларација меѓу Пашинјан, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и американскиот претседател Доналд Трамп на трилатералниот самит во Белата куќа во август.
Од тој аспект, биле разменети мислења за чекорите насочени кон деблокирање на регионалните комуникации, особено Трамповата маршрута за меѓународен мир и просперитет (TRIPP) и проектот „Крстопат на мирот“ на Ереван.
Претходно Шекеринска во ерменскиот главен град имаше средби со министерот за надворешни работи Арарат Мирзојан, претседателот на Парламентот, Ален Симонјан и министерот за одбрана Сурен Папикјан.
НАТО во средата ја најави посетата на Шекеринска на Ереван.
Декларацијата потпишана во Вашингтон има цел да стави крај на деценискиот конфликт меѓу двата соседа од Јужен Кавказ, со обврски за прекин на непријателствата, повторно отворање на транспортните патишта и нормализирање на односите.