Burcu Çalık
17 Ноември 2016•Ажурирај: 18 Ноември 2016
ИСЛАМАБАД (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција води одлучна борба против сите терористички организации, вклучувајќи ги ФЕТО, ПКК, ПЈД, ЈПГ, ДХКП - Џ и ДЕАШ и дека ќе даде секаков вид на поддршка во борбата што ја води Пакистан против тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на официјалната дводневна посета на Пакистан, турскиот претседател Ердоган денес во Исламабад се состана со премиерот на таа земја, Наваз Шариф. По состанокот, на прес-конференција истакна дека синоќа се сретнал со пакистанскиот претседател Мемнум Хусеин, а дека денес е организирана средба и со премиерот, како и состанок на проширените делегации на двете земји.
„Турција и Пакистан веќе 14 години постојано ги интензивираат билатералните односи. Во петгодишното работење на Билатералниот совет за стратешка соработка, создадовме речиси 51.000 договори и документи. Се надевам дека наскоро ќе одржиме нов состанок на Советот во Турција“, изјави Ердоган.
- Ердоган: Кризата во Кашмир да се реши со дијалог меѓу Пакистан и Индија -
Ердоган истакна дека планот е до крајот на годината во сила да стапи Договорот за слободна трговија меѓу Турција и Пакистан, и дека истовремено се интензивираат и билатералните односи на другите полиња, вклучувајќи ги безбедноста и одбраната.
„Разговаравме за регионалните прашања, а во тој контекст мораме да истакнеме дека проблемите на нашите браќа во Кашмир и тензиите во тој регион дошле на ниво да не смеат да се занемарат. Загрижени сме за порастот на тензиите и страдањето на луѓето. Прашањето на Кашмир мора да се реши со дијалот меѓу Пакистан и Индија, а во согласност со одлуките на Обединетите нации и во согласност со потребите и барањата на народот во тој регион. Ние како Турција и како претседател на Организацијата за исламска соработка, ќе продолжиме да даваме поддршка на тој процес“, изјави Ердоган.
Ердоган исто така ја истакна и важноста за продолжување на трилатералната соработка меѓу Турција, Пакистан и Авганистан, и додаде дека само со силна соработка, Пакистан и Авганистан можат да ги решат заедничките проблеми од терористичката закана.
- Ердоган: Нема да ја заборавиме поддршката на Пакистан по обидот за пуч -
Пакистан најостро го осуди неуспешниот обид за воен удар што терористичката организација ФЕТО го изврши на 15 јули во Турција. Ердоган денес изјави дека Пакистан уште еднаш, во тие тешки моменти за Турција, ја потврдил народната изрека: „Пријателот на мака се познава“, и дека Турција и нејзиниот народ тоа никогаш нема да им ги заборават.
„Предавничката и терористичка организација чиј водач е во Пенсилванија, веќе губи. На 15 јули видовме дека терористите и предавниците се подготвени на сѐ, па дури и на крвопролевање за да ги остварат подмолните цели што со години ги спроведувале злоупотребувајќи ги верските чувства на луѓето и под маската на наводен хизмет, милосрдие, образование и дијалог“, рече Ердоган. Тој исто така додаде дека во изминатите четири години, ФЕТО ги инфилтрирал своите припадници во сите турски институции, вклучувајќи ја војската, полицијата и правосудството.
Потсетувајќи дека за време на обидот за пуч животот го дадоа 248 херои, а ранети се 2.193 граѓани кои учествуваа во обраната на независноста и демократијата во Турција, Ердоган предупреди дека мрежата на злото на ФЕТО претставува закана за сите држави и општества во кои е активна.
Турскиот претседател Ердоган им се заблагодари на пакистанските власти и за соработката во процесот на преземање на институциите што во таа земја се поврзани со терористичката организација ФЕТО, а на тоа работи делегацијата на Министерството за образование на Турција и турската фондација „Мариф“.
„Правиме сѐ што е потребно за таа мрежа на зло и тие глутници од убијци да ги изведеме пред лицето на правдата, да ги процесуираме и соодветно да ги казниме. ФЕТО повеќе не ќе може да бара засолниште ниту во Пакистан“, изјави Ердоган и додаде дека пакистанските власти од почетокот соработуваат со Турција по тоа прашање и дека наредиле сите поврзани со ФЕТО да мораат да го напуштат Пакистан најдоцна до 20 ноември.