МОСКВА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Москва се состана со рускиот претседател Владимир Путин, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата на Меѓународниот аеродром во Москва „Јуковскиј“, претседателите Ердоган и Путин одржаа заедничка прес-конференција. Турскиот претседател Ердоган по средбата изјави дека со претседателот на Русија, Владимир Путин разговарале за соработката на двете земји во областа на одбранбената индустрија, како и за други регионални и глобални прашања.
„Ние сакаме да ја продолжиме нашата солидарност со Русија во многу области од подрачјата на одбранбената индустрија. Тоа може да се однесува на патнички, но и на борбени авиони. Се е во духот на солидарноста", рече Ердоган.
Нагласи дека Турција е спремна да соработува во форматот од Астана за да конечно се обезбеди мир во сирискиот Идлиб.
„Над 500 невини луѓе се убиени, над 200 цивили се повредени во нападите на режимот во Идлиб од месец мај до сега. Неприфатливо режимот од копно и воздух да убива цивили (во Идлиб), под изговор дека врши борба против тероризмот", изјави Ердоган.
Повтори дека Турција силно го поддржува територијалниот интегритет на Сирија и има за цел завршување на крвопролевањето.
„Нашата цел е да се спречи пролевањето на крвта и нашиот сосед Сирија брзо да добие мир по кој копнее веќе 8 години", рече Ердоган.
Турскиот претседател се осврна и на Договорот од Сочи при што истакна: „Нашите одговорности кои произлегуваат од Договорот во Сочи можеме да ги исполниме само доколку ќе се стави крај на нападите на режимот."
„(Нападите на режимот) Особено во близина на нашите граници, не повикуваат да се браниме и да ги преземеме потребните чекори тогаш кога е потребно“, додаде Ердоган.
- Путин: „Многу добро ја разбираме чуствивтелноста на Турција"
Рускиот претседател, Путин, на прес-конференцијата се осврна на односите меѓу неговата земја и Турција.
„Односите помеѓу Русија и Турција се развиваат врз основа на пријателство, меѓусебно почитување и заеднички интереси“, рече тој.
Путин нагласи дека Русија и Турција продолжуваат да соработуваат во форматот од Астана, кој според него е најефикасен процес за решавање на сириската криза.
„Со претседателот на Турција се согласивме за елиминирање на терористите во Идлиб и за сѐ што треба да се направи“, додаде Путин.
Путин изрази длабока загриженост за состојбата во Идлиб.
„Длабоко сме загрижени за ситуацијата во Идлиб. Ние заедно со Турција определивме рамка на дополнителни мерки за искоренување на терористите“, нагласи тој.
Рускиот претседател укажа и на важноста од формирањето безбедносна зона на јужната граница на Турција, и додаде:
„Формирањето безбедносна зона на јужната граница на Турција е позитивен чекор за територијалниот интегритет на Сирија. Многу добро ја разбираме чувствителноста на Турција. Треба да се осигури безбедноста на границите, тоа е легитимно право на Турција“.
„Може заеднички да се работи на авионот од типот „Su-35“. Може да се соработува и во врска со „Su-57“. Имаме многу можности“, нагласи Путин.
Ердоган и Путин претходно денес присуствуваа на церемонијата на отворање на Меѓународниот саем за авијација и вселенските истражувања MAKS-2019., кој се смета за еден од водечките настани од тој вид во светот.