Sefa Mutlu,Gökhan Yılmaz
27 Март 2019•Ажурирај: 27 Март 2019
ИСТАНБУЛ (AA) - Претседателот на Република Турција и претседател на Партијата на правдата и развојот (АК Партија) Реџеп Таип Ердоган истакна дека многу земји и организации не ја прифаќаат одлуката која ја потпишал американскиот претседател Доналд Трамп за признавањето на израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Европската унија тоа не го прифаќа, не го прифаќа ниту Организацијата за исламска соработка, а ниту Русија, ниту Кина. Невозможно е нешто такво да се прифати во Советот за безбедност на Обединетите нации. Но некои својата доминација се обидуваат да ја наметнат со груби и тирански методи. Зарем тоа е можно? Во каков свет денес живееме?", рече Ердоган во обраќањето на митинг во Истанбул.
Потсети и дека Трамп пред оваа одлука Ерусалим (Кудс) го призна за главен град на Израел.
„Зарем може така? Освен тоа, сега Голанската Висорамнина ја дава окупаторскиот Израел. Секако дека Турција ќе одговори на сето тоа. Ние, во согласност со нашата обврска која ја чувствуваме, реагиравме, реагираме и ќе продолжиме понатаму да реагираме", рече турскиот претседател.
Повтори дека не е невозможно истанбулската Ајасофија да престане да биде музеј во кој се наплатува влез и да стане џамија во која влезот е слободен.
Се осврна и на терористичкиот напад во џамиите во Нов Зеланд, тврдејќи дека не се работи за обичен напад.
„Дури и сите да молчат и да го игнорираат овој напад, ние нема да молчиме. Ако ги има, непријателите на исламот нека не спијат мирно", рече Ердоган.
Локалните избори во Република Турција ќе се одржат наредната недела, а право на глас имаат 57 милиони гласачи.
Вкупно 12 политички партии ќе учествуваат на локалните избори на кои во Турција се бираат носители на локалната управа, вклучувајќи градоначалници, началници и локални собранија.
Гласачките места на источниот дел на Турција ќе бидат отворени од 7:00 до 16:00 часот по локално време, додека гласачките места во западните турски региони ќе бидат отворени од 8:00 до 17:00 часот по локално време.