Burak Bir
18 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
КУАЛА ЛУМПУР (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган допатува во посета на Малезија каде ќе присуствува на Самитот Куала Лумпур, кој ќе ги собере лидерите од исламскиот свет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган на аеродромот во Куала Лумпур го дочекаа малезискиот министер за здравство Џулкефли Ахмед, турскиот амбасадор Мерве Кавакчи и шефот на Дирекцијата за одбранбена индустрија при кабинетот на турскиот претседател Исмаил Демир.
Во текот на посетата на Малезија, Ердоган би требало да се состане со премиерот Махатир Мухамед и со малезискиот крал Султан Абдулхан Ријатудин Мустафа Билал Шах.
На маргините на самитот, Ердоган ќе се состане и со иранскиот колега Хасан Рохани.
Со Ердоган во Куала Лумпур допатува и бројна делегација на турски функционери, меѓу кои се и првата дама на Турција Емине Ердоган, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, министерот за финансии и трезор Берат Албајрак, министерот за одбрана Хулуси Акар, министерот за индустрија и технологии Мустафа Варанк, заменици на претседателот на Партијата на правдата и развојот (АК Парти) Нуман Куртулмуш и Џевдет Јилмаз, како и шефот на Дирекцијата за комуникации при кабинетот на турскиот претседател Фахретин Алтун и гласноговорникот на кабинетот на претседателот, Ибрахим Калин.
Учеството на Самитот Куала Лумпур поради здравствени проблеми го откажа потпретседателот на Индонезија Маруф Амин, а делегацијата на оваа држава ќе ја предводи шефицата на дипломатијата Ретно Марсуди.
Самитот Куала Лумпур е најавен како тридневен собир кој ги собира лидите на земјите од исламскиот свет. Учесниците ќе разговараат за низа важни теми, вклучувајќи ја независноста, развојот, администрацијата, идентитетот, културата, правдата и слободите.