Ata Ufuk Şeker
01 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
БРИСЕЛ (АА) – Европскиот парламент (ЕП) формираше комитет за ревизија, откако се дозна дека „Фолксваген“ манипулира со испитувањата на емисијата на издувни гасови. Комитетот повика на построга контрола во врска со вредностите на емисијата на гасови на ниво на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Комитетот за ревизија на емисијата на гасови, кој е формиран од страна на ЕП по скандалот на „Фолксваген“, денес на седницата во Брисел го објави извештајот и своите предлози.
Во извештајот се бара да се забрза одобрувањето на процедурата за нови вредности на емисијата на гасови и тие да се мерат според вистинските услови при возење. Исто така, се бара построга контрола и надзор на производителите на автомобили во ЕУ и се повикува тие да ги почитуваат зададените правила.
- „Доколку се применуваа законите, скандалот можеше да се избегне“ -
На седницата зборуваше членот на групацијата Алијанса на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), Гербен-Јан Гербренди. Посочувајќи дека од овој случај треба да се извлечат поуки, тој изјави: „Овој скандал можеше да се спречи доколку државите-членки на ЕУ и Европската комисија целосно ја спроведуваа европската легислатива“.
Според Гербренди, за да не се случи слична ситуација во иднина, важно е да се формира посилен надзорен механизам на ниво на Европа во врска со автомобилите.
- „Потребни се построги правила“ -
Пратеникот од Европската народна партија (ЕПП), Крисјанис Каринс исто така изјави дека се потребни построги правила за одобрување на автомобилите во ЕУ.
Каринс рече дека овој случај докажа оти е потребен построг надзорен механизам за спроведување на прописите во врска со автомобилите.
- „Правилен надзор“ -
„Потребен е правилен надзор во иднина за сите автомобили во државите-членки на ЕУ, за да се проверува дали се во согласност со правилата за емисија на издувни гасови“, изјави пратеникот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Јенс Гесеке.
Не се обврзувачки наодите во документот од Комитетот за ревизија, формиран на почетокот од 2016 година во ЕП, но ги покажуваат ставовите на државјаните на ЕУ.
- Случајот „Фолксваген“ -
Во септември минатата година, Агенцијата за заштита на животната средина во САД објави дека „Фолксваген“ манипулира со испитувањата за емисијата на гасови и оти дизел возилата на компанијата го загадуваат воздухот 40 пати повеќе од нормалното ниво.
По ова, „Фолксваген“ призна дека на светско ниво, за испитување на издувните гасови на 11 милиони возила со дизел мотор е користен лажен софтвер. По ова признание, тогашниот извршен директор Мартин Винтеркорн поднесе оставка.