Експлозија во станбена зграда во кримскиот пристаништен град Севастопол, едно лице загина, 12 се повредени
„Форензичари, експерти за бомби, специјалисти од Истражниот комитет и ФСБ (Федералната служба за безбедност) во моментов работат на самото место...“
ИСТАНБУЛ (АА) – Во експлозија во станбена зграда во пристанишниот град Севастопол во Крим, кој Русија нелегално го анектираше во 2014 година, едно лице загина, додека 12 се повредени, известија денес официјални претставници поставени од Русија, пренесува Анадолу.
Според Михаил Развожаев, рускиот гувернер на градот, специјалистите официјално го отфрлиле протекувањето на гас како причина за експлозијата што се случила вчера вечерта.
„Форензичари, експерти за бомби, специјалисти од Истражниот комитет и ФСБ (Федералната служба за безбедност) во моментов работат на самото место. Органите за спроведување на законот ќе ја утврдат точната причина откако ќе завршат сите вештачења“, напиша тој на Телеграм.
Развожаев изјави дека ударниот бран од експлозијата сериозно ја оштетил зградата од спротивната улица, притоа додавајќи дека ситуацијата е под целосна контрола на федералните агенции.
„За жал, една жена загина“, напиша тој, изразувајќи сочувство до семејството и пријателите. „Едно лице сè уште се води како исчезнато. Моментално 12 жители на Севастопол се наоѓаат во болниците, меѓу кои и три деца.“
Русија нелегално го анектира полуостровот Крим во 2014 година, во потег осуден од страна на меѓународната заедница, вклучително и од Турција.
