Fahri Kubilay
02 Јули 2019•Ажурирај: 03 Јули 2019
КОЊА (АА) - Езерото без дно, сместено на границата помеѓу турските подрачја Аксеки во Анталија и Бозкир во Коња, е популарна дестинација за многумина вљубеници во природата и фотографите, без оглед дали станува збор за професионалци или аматери, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој бисер со азурна боја е сместен на 1.702 метри надморска височина на северните падини на Таурскиот планински венец. Чистата вода, чие ниво е еднакво во текот на целата година, во текот на сите годишни времиња ги воодушевува сите оние кои дошле на езерото да се одморат и да уживаат во природните убавини.
Езерото го посетуваат туристи од сите делови на Турција, а особено од Анталија и од Коња.
Еден од нив е и Али Кара, кој со внукот дошол од Анталија. Додаде дека секое лето доаѓаат тука на риболов.
„Овде температурата на воздухот е многу пријатна, доаѓаме на излет, ловиме риба. Секому би му препорачал. Езерото без дно преку викендите го посетуваат голем број туристи од Анталија и Коња. Нашите предци потекнуваат од овие подрачја. Доаѓаме во мај и во јуни и на овие планини остануваме до ноември“, вели Кара.
Тој додаде дека на падините на планините се занимаваат со земјоделство и дека многу луѓе преферираат одмор на море, додека тие доаѓаат на планина каде што температурите на воздухот се значително пониски.
Мустафа Харманџи со семејството дошол од Коња.
Рече дека водата е исклучително бистра и дека не може да издржи, а да не заплива во езерото.
„Бидејќи велат дека езерото нема дно, не се оддалечувам премногу од брегот. Оваа вода може да се пие. Езерото е фантастично место, а и воздухот е чист. Сите треба да дојдат и да се уверат во неговата убавина“, рече Харманџи.