Murat Ünlü,Ekip
26 Јануари 2017•Ажурирај: 27 Јануари 2017
ПАРИЗ (АА) – Европските официјални претставници ја осудија одлуката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да гради 2.500 нови станови во еврејските населби во окупираниот Западен Брег, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот на британското Министерство за надворешни работи задолжен за Блискиот Исток, Тобиас Елвуд, во врска со оваа тема за АА изјави дека ја осудуваат одлуката на израелската влада да гради нови 2.500 нови станбени единици.
„Британската Влада долго време го брани ставот дека градењето населби на окупираната палестинска територија е спротивно на меѓународното право и оти претставува пречка за билатерално решение. Ги осудуваме случувањата. Британија повторно потсетува на поддршката што ја дава за еден мировен договор, кој ја отвора вратата за суверена палестинска држава и Израел во кој би се живеело без тероризам“, истакна Елвуд.
- Франција -
Портпаролот на француската влада, Стефан Ле Фол, во својата изјава за АА нагласи дека и Обединетите нации (ОН) реагираат на оваа одлука, и дека ставот на Франција во врска со оваа тема е јасен.
„Во врска со оваа тема, Франција се однесува во согласност со одлуките на ОН. Не ја поддржуваме одлуката да се гради нова населба. Ние сме на страната да се најде решение за проблемот што ќе се темели на дијалог и преговори“, рече Ле Фол.
- Германија -
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Германија, Мартин Шефер, во својата изјава рече дека фактот што Израел изгради населби во Источен Ерусалим, но и дека донесе одлука за градба на уште 2.500 станбени единици на Западниот Брег, фрла сомнеж врз изјавите на оваа држава дека бара билатерално решение со Палестина.
Шефер потсети дека Германија и претходно упати апел да се сопрат градбите на еврејските населби и додаде: „Сигурни сме дека на долг рок, само билатерално решение ќе го заштити демократскиот и еврејски карактер на Израел и ќе ги задоволи барањата на Израелците и на Палестинците. Поради ова, сакаме двете страни да почнат со преговори и да најдат решение за Блискиот Исток. Доколку двете страни се оддалечат од наоѓањето решение, ќе бидат фрлени во сомнеж сите темели на мировниот процес за Блискиот Исток“.
Шефер рече дека двете страни не може со сила да седнат на заедничка маса и нагласи оти треба на меѓународната сцена да се вложат напори за да се овозможат условите за започнување на преговорите.
„Ова е единствениот вистински пат“, рече Шефер и додаде дека на сите средби во врска со темата тие го потенцираат тоа, но како што рече, за да почнат преговорите треба да има политичка одговорност и од израелска и од палестинска страна.
- Швајцарија -
„Жалиме поради одлуката што ја донесе израелската Влада на 24. јануари 2017 година за градење на 2.500 станбени единици на окупираната палестинска територија“, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи на Швајцарија.
Во соопштението се истакнува дека израелската Влада оваа одлука ја донела по одобрувањето за градба на нови 566 станбени единици во Источен Ерусалим. „Еврејските населби што се градат на окупираната палестинска територија, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, се надвор од законот според меѓународното право и ги кршат цивилните, политичките, економските, социјалните и културните права на палестинскиот народ“, се предупредува во соопштението на министерството.
Тие понатаму посочуваат дека овие населби се голема бариера за мирот и се сериозна закана за билатералното решение. „Швајцарија упатува апел до израелската Влада да ја поништи одлуката и да ги сопре градбите на населбите“, се вели во продолжението на ова соопштение.
Од седиштето на ОН во Женева, пак, портпаролката на Високиот комесаријат за човекови права, Равина Шамдасани, во изјава за АА рече дека изјавата што минатиот месец ја даде високиот комесар за човекови права, Зејд Раад ел Хусеин, во која упати критика кон Израел во врска со темата, сѐ уште е важечка.
„Одлуката на Израел да изгради илегални 2.500 станбени единици на окупираната палестинска територија е длабоко загрижувачка за нас“, рече Шамдасани.
Високиот комесар за човекови права Хусеин во својата изјава дадена минатитот месец рече дека донесувањето на нацрт-закон кој ќе го овозможи градењето на еврејски населби без дозвола од Палестинците, кои ја имаат приватната сопственост, ќе значи кршење на меѓународното право.
„Ги повикувам подготвувачите на законот да ја преиспитаат својата поддршка за нацрт-законот, кој доколку влезе во сила, ќе предизвика сериозна штета на светскиот углед на Израел“, беше изјавил Хусеин, предупредувајќи дека доколку помине нацрт-законот, ќе има големо влијание врз географската структура на Западниот Брег.
Тој ја истакна својата длабока загриженост од напорите на израелскиот Парламент за усвојување на овој нацрт-закон, со кој еврејските населби ќе стекнат легитимност. Според него, ова значи дека Палестинците ќе бидат лишени од средствата за живот.