Ekipa
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европскиот парламент ги одобри претпристапните фондови за периодот 2021 - 2027 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нешто повеќе од 14 милијарди евра (14,2) ќе ги поддржат земјите кандидати и потенцијалните земји кандидати за подобро да се подготват за пристапување во ЕУ и да ги имплементираат реформите поврзани со ЕУ“, се вели во соопштението на Европскиот парламент.
Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Турција ќе можат да го користат Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) за спроведување политички, институционални, правни, административни, социјални и економски реформи.
Проектите ИПА III исто така ќе поддржат заштита на климата и животната средина, човековите права и родовата еднаквост.
„Со ИПА III и неговиот историски буџет од над 14 милијарди евра, ЕУ ја потврдува својата континуирана посветеност на патот на овие земји кон европска интеграција“, истакна Жељана Зовко, хрватска пратеничка во Европскиот парламент од ЕУ задолжена за законот.
Како главна промена во споредба со претходните буџетски циклуси, исплатата на средствата може да се промени или прекине доколку корисниците не се придржуваат кон фундаменталните вредности на ЕУ за демократија, владеење на правото и човековите права.
Во исто време, ЕУ ќе обезбеди нивото на помош да не биде непропорционално ниско, почитувајќи го принципот на правична поделба.
Со зеленото светло на Европскиот парламент, официјално завршува постапката за прифаќање. Законот за фондовите ИПА III ќе влезе во сила ретроактивно од 1 јануари.