Sayed Khodaiberdi Sadat, Bilal Güler
15 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
КАБУЛ
Авганистанскиот Меѓународен аеродром „Хамид Карзаи“ во главниот град Кабул претрпе штета од милиони долари при повлекувањето на американските сили на 31 август, изјави претставник на талибанската администрација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Maлави Абдул Хади Хамдан, вршител на должноста раководител на аеродромот во Кабул, за АА изјави дека штетата само на терминалот на аеродромот е во вредност од 1 милион долари.
„Радарскиот систем, како и некои авиони и возила на аеродромот, исто така беа оштетени. Ако се направи целосна проценка на штетата, таа би изнесувала милиони долари“, рече тој.
„Пред да заминат, американските сили предизвикаа голема штета на техничкиот дел на аеродромот и во терминалот, и тие не ги штедеа ниту столовите, седиштата, телевизорите и компјутерите во аеродромските сали“, истакна Хамадан.
„Техничките проблеми на домашниот терминал на аеродромот се решени и домашните летови се обновени“, додаде тој.
Хамадан нагласи дека авиони од различни земји почнале да пристигнуваат на аеродромот во Кабул, додавајќи дека неодамна авионите од Катар, Обединетите Арапски Емирати, Пакистан и Бахреин донеле хуманитарна помош за авганистанскиот народ.
„Продолжуваат напорите за реализирање меѓународни летови и за решавање на проблемите на авганистанскиот народ и странците во земјата“, додаде тој.
Откако ќе продолжат меѓународните летови, новата талибанска администрација ќе воспостави добри дипломатски, политички и економски односи со светот.
Талибанците ја презедоа контролата врз земјата зафатена од војна кон средината на август, а минатата недела го соопштија привремениот кабинет од 33 членови.