Европа формира меѓународна комисија за надоместок на штетите од војната во Украина
Еднодневната конференција, коорганизирана од Холандија и Советот на Европа, во кој членуваат 46 држави, ги собра високите претставници, меѓу кои и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас
БРИСЕЛ (AA) – Европските лидери се собраа во Хаг денес за да ја промовираат Меѓународната комисија за побарувања, тело чија цел е да обезбеди компензација за Украина за стотици милијарди долари штета предизвикана од руските напади и наводни воени злосторства, јавува Анадолу.
Еднодневната конференција, коорганизирана од Холандија и Советот на Европа, во кој членуваат 46 држави, ги собра високите претставници, меѓу кои и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас. Настанот се одржа паралелно со тековните дипломатски напори предводени од САД за ставање крај на војната во Украина.
Комисијата, формирана во рамките на Советот на Европа, ќе ги разгледува барањата за загуби и повреди настанати како резултат на тековниот конфликт.
Таа ќе утврдува надоместок за штети, вклучително и уништување имот, лични повреди и кривични дела, како сексуално насилство и присилна депортација.
Калас, обраќајќи се на церемонијата на потпишување, го опиша размерот на уништувањето во Украина како „незамислив“, нагласувајќи дека материјалната штета е само дел од страдањата.
„Формално ја усвоивме Конвенцијата за воспоставување Комисија за побарувања. Со задоволство може да најавам дека Европската Унија ќе обезбеди до еден милион евра за активностите за подготовка. Во меѓувреме, Украинците може да продолжат да поднесуваат барања до регистарот на штети“, изјави таа.
„Русија не е помалку одговорна за штетата во Украина отколку што Ирак беше одговорен за штетата во Кувајт, но Русија никогаш нема доброволно да плати за штетата што ја направи. Веќе ги гледаме обидите да се исклучат репарациите и, всушност, секоја форма на одговорност од потенцијалниот мировен договор. И ова става огромна одговорност врз меѓународната заедница“, додаде таа.
Таа се осврна и на предизвиците со финансирањето, посочувајќи дека меѓу 260 и 280 милијарди евра руски средства се замрзнати во странство и би можеле да претставуваат основа за компензација.
Околу 210 милијарди евра од замрзнатите руски средства се наоѓаат во ЕУ, а Брисел предлага тие да се искористат за поддршка на Украина. Сепак, поголем дел од средствата се чуваат во белгиската банка Еуроклир, а Белгија повеќепати изрази загриженост околу овој план.
„Во овој момент нашите белгиски колеги се под голем притисок од различни страни. Моето чувство е дека колку побрзо донесеме европско решение, толку побрзо ќе се намали притисокот врз Белгија бидејќи тогаш тоа ќе биде европско, а не белгиско решение. Тоа значи дека доколку некој не е задоволен, може да поведе постапка против Европската Унија“, изјави Калас на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
