ЛОНДОН (АА) - Европските земји и нивните медиуми покажуваат став за поддршка на изјавите на ПКК, а остануваат рамнодушни на мајките од Дијарбакир, кои протестираат со цел да ги спасат своите деца од терористичката организација, пишува Агенција Анадолија (АА).
И покрај тоа што е на списокот на терористички организации на Европската Унија (ЕУ), ПКК во Европа има широк спектар за дејствување.
Реториката на ПКК во медиумите на земјите како што се Германија, Франција, Холандија и Шведска често пати се објавува како „мислење на Курдите“, а со тоа имаат за цел да ја легитимираат.
Спротивно на тоа, приказните за жртвите предизвикани од терористичката организација или информациите за протестите на мајките од Дијарбакир воопшто не се појавуваат во медиумите на овие земји.
- Оние што присуствуваат на судењата на терористите, не ги посетуваат мајките -
Овој став на медиумите го покажуваат и властите. На пример, во 2016 година, еврокомесарот Јоханес Хан се состана со европскиот претставник на Демократската народна партија (ХДП), Ејуп Дору, кој е на црвената листа на барани поради активности во терористичката организација.
Од друга страна, во Европскиот парламент секоја година се одржуваат состаноци со учество на т.н. европски водачи на ПКК.
Европските претставници или нивните претставници во Турција ги следат судењата на лицата на кои им се суди за членство во терористичката организација, а ги игнорираат мајките од Дијарбакир, кои започнаа активности за да ги спасат своите деца од терористичката организација.
Единствениот европски дипломат што ги посетил мајките од Дијарбакир е Доминик Џон Чилкот, британски амбасадор во Анкара.
- Терористите ги примаат во палатата, а за жртвите воопшто не се грижат -
Познато е дека во Европа, Франција е една од земјите што е најблиску до ПКК. Терористичката организација успеа да добие поддршка од сите лидери, од поранешниот претседател Франсоа Митеран, па до сегашниот претседател Емануел Макрон.
Во април 2019 година, Макрон ја зголеми поддршката за организацијата со средбата со терористите на ЈПГ/ПКК под името СДГ во Елисејската палата.
По состанокот одржан во април 2019 година, соопштено е дека Макрон ја уверил организацијата дека „активната поддршка ќе продолжи“.
Франција, освен тоа што воено беше присустна во областа окупирана од ЈПГ/ПКК во Сирија, во базата „Ајн Иса“ нејзините воени советници обучуваа терористи.
Администрацијата во Париз им дозволува на членовите на ПКК да организираат демонстрации во земјата и особено на плоштадите во главниот град Париз.
Приврзаниците на ПКК одржуваат континуирани протести пред зградата на Советот на Европа за ослободување на нивниот водач. Од друга страна, француските власти не дадоа никакви изјави во врска со мајките од Дијарбакир.
- Нечувствителност кон мајките од Дијарбакир -
Ситуацијата не е различна ниту во француските медиуми. Често се објавуваат информации, каде што особено се истакнува херојството на припадниците на ЈПГ/ПКК, а за мајките од Дијарбакир претежно се молчи.
Само весникот „Либерасион“ („Liberation“) во веста од 6 јануари наведе дека околу 30 семејства од Дијарбакир протестираат пред зградата на Демократската народна партија (ХДП) со фотографиите на своите деца.
Во веста беше нагласено дека семејствата ја обвинуваат ХДП дека ѝ помага на терористичката организација ПКК да ги киднапира нивните деца. Исто така, во веста беше пренесена изјавата на мајката Јилдиз Бали, која протестира пред зградата на ХДП.
„Мојата ќерка Јасемин е исчезната од 2014 година. Таа е киднапирана од ПКК. Сакам да ја вратам назад. Ако е мртва, го сакам нејзиното безживотно тело“, истакнува Бали во веста напишана во француски „Либерасион“.
Меѓутоа, во оваа вест исто така беше наведено дека ХДП ги негира своите врски со ПКК и дека „протестите се поврзани со назначувањето доверители во општините“.
- Германските медиуми не ја гледаат мајката што протестира во Германија -
Како и во Франција, и во Германија дискурсите на ПКК се широко покриени. И покрај тоа што во Германија ПКК е официјално во категоријата на терористички организации, медиумите во земјата ги покажуваат сепаратистичките активности на терористите на ПКК како борба за слобода.
Германските медиуми до денеска од борбата на Турција против сепаратистичката организација ПКК не ги објавија фотографиите на цивилите што беа масакрирани од страна на ПКК и фотографиите од погребите на војниците (шехиди). Од друга страна, даваат голем простор на погребните церемонии на терористите.
Маиде Т., чија ќерка беше киднапирана од терористичката организација во Берлин, пред 11 месеци побара од германските власти помош за враќање на нејзината ќерка. Но, досега не беа преземени конкретни чекори.
Мајката Маиде Т. околу 11 месеци протестира пред зградата на германската Влада и Федералното собрание. Но, ниту еден германски новинар се нема сретнато со неа. Поради тоа се смета дека германските медиуми тајно ја поддржуваат ПКК.
Маиде Т., упати критики до германските медиуми дека ниту еднаш не се обратиле до неа.
„Додека се борев да ја вратам својата ќерка, секако дека очекував поддршка од германските медиуми. Сепак, поминаа 11 месеци, ниту еден германски новинар не дојде да ме праша зошто го правам ова. Но, ако ги погледнете весниците, се прави перцепција дека тоа што се прави од страна на терористичката организација е легитимно. Тие знаат да зборуваат за непристрасно новинарство или за слобода на печатот, но тоа самите го игнорираат.“
Таа, посочувајќи дека во европските медиуми има непријателски текстови кон Турција, рече: „Моето дете го киднапираше ПКК, никој друг. И покрај тоа што Европа и германските медиуми не сакаат да го видат тоа, јас ќе продолжам да ја водам борбата против ПКК.“
- Мајките од Дијарбакир -
Од друга страна, германските медиуми продолжуваат да ги игнорираат мајките кои протестираа пред зградата на ХДП во Дијарбакир.
На пример, во веста објавена во „Дер тагесшпигел“ („Der Tagesspiegel“), во септември 2019 година, се наведува дека протестот во Дијарбакир започнал кога Хаџире Акар (49) го пријавила нејзиниот 21-годишен син Мехмет во полиција како исчезнат и започнала да седи на скалите пред седиштето на ХДП.
Во извештајот се истакнува дека ПКК во своите редови 10 години ги собира младите луѓе кои се во сиромаштија и очај.
Исто така, во веста се потенцира дека мајките што седат пред зградата се охрабрени од поддршката на државата и дека мајките навечер со помош на полицијата се носат во нивните домови.
Се нагласува дека мајките биле примени од страна на министерот за внатрешни работи и дека ХДП го осудува протестот.
- „Тие се исто курдски жени“ -
Овој дволичен став на Европа беше покажан и на вчерашната прес-конференција кога министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, ѝ постави прашање на неговата шведска колешка, Ан Линде.
Чавушоглу, обраќајќи ѝ се на Линде, рече: „И вие сте исто така мајка, ве замолувам да одите и да разговарате со мајките кои во Дијарбакир една година ги чекаат своите деца. Тие се исто курдски жени. Зошто кога станува збор за Курди ги поддржувате само припадниците на ПКК, ЈПГ и СДГ. Кој е гревот на другите Курди?“
Мајката Хаџире Акар започна мирен протест на 22 август 2019 година пред зградата на седиштето на ХДП во Дијарбакир, тврдејќи дека нејзиниот син бил киднапиран со посредство на членовите на ХДП.
Протестот на мајката имаше резултати и нејзиниот син се врати на 24 август 2019 година.
Подоцна на Акар ѝ се придружија и други мајки. Досега назад се вратија децата на 15 семејства. Мирниот протест на 152 семејства продолжува.