Hasan Esen
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
БРИСЕЛ (АА) – Еврокомесарот за миграциски прашања, Димитрис Аврамопулос побара бегалците кои ќе се депортираат да бидат задржани во центрите за притвор, со цел да не бегаат, и дека не треба овие места да се споредуваат со концентрационите логори од Втората светска војна, во кои беа убиени милиони луѓе, јавува Anadolu Agency (AA)
Европската комисија го објави извештајот во врска со сместувањето на бегалците. Според овој извештај, од вкупно 160.000 бегалци кои се наоѓаат во Италија и Грција, само 13.500 се распределени во другите држави-членки. Од 72.000 бегалци кои ЕУ требаше да ги преземе од Турција, досега се прифатени само 3.565.
Исто така, Комисијата предложува да се забрза депортацијата на бегалците. Во врска со оваа тема изјава даде еврокомесарот за миграциски прашања, Димитрис Аврамопулос, кој истакна дека треба да се подобри стапката на реадмисија и рече: „Државите-членки треба да ја користат можноста за приведување на бегалците на одредено време додека да се заокружи процесот на реадмисија, доколку постои ризик од нивно бегање“. Аврамопулос наместо „депортација“, го користеше изразот „реадмисија“. „Ова во никој случај не смее да се оцени како концентрационен камп“, додаде Аврамопулос.
Според предложеното, бегалците ќе може да се држат во притвор до 18 месеци. Аврамопулос истакна дека оваа можност треба да се користи само во случај кога постои ризик бегалците да избегаат или во случај кога не соработуваат.
Во последните години, во Европа влегоа 1,4 милиони бегалци. Подоцна, ЕУ почна почесто да презема превентивни мерки за да го спречи приливот на бегалците.
За време на Втората светска војна, милиони луѓе, повеќето беа Евреи беа убиени во концентрационите логори во Европа создадени од страна на нацистите.