свет

Еврејскиот писател и активист Халпер: „Ционизмот е колонијално доселеничко движење“

„Доселеничкиот колонијализам не сака да постигне мир, тоа е поентата. Целта на ционизмот е Израел да го претвори во еврејска земја. Врши репресија над Палестинците, се ослободува од нив, ги елиминира, а не склучува мир со нив“

Islam Doğru  | 17.05.2021 - Обновена : 19.05.2021
Еврејскиот писател и активист Халпер: „Ционизмот е колонијално доселеничко движење“ Фото: Islam Doğru/AA

ЊУЈОРК (АА) - ИСЛАМ ДОГРУ -

Xеф Халпер, еврејски писател, антрополог и активист со живеалиште во Кудс (Ерусалим), изјави дека ционизмот е „приказна за раселување“ и дека Израел манипулирајќи со религијата, создава еден вид траен конфликт, бидејќи, според него, тоа е единствениот начин да се продолжи со притисокот врз Палестинците и да се одржи меѓународната поддршка. Тој смета дека Палестинците станале неважни за арапскиот свет, односно дека палестинските идеи за слобода и демократија арапскиот свет ги гледа дури и како закана кон нив самите.

Халпер, кој е роден во Бостон, во САД, и се преселил во Израел во 1973 година како 27-годишник, за Агенција Анадолија (АА) зборуваше во врска со последните израелски напади врз Палестинците и целите на Израел.

Тој смета дека за да се разберат тензиите и конфликтите меѓу Израел и Палестина, потребно е да се знае позадината на овие настани, а позадината, како што истакнува, е во фактот дека ционизмот е колонијално доселеничко движење.

„Да, тоа е пошироката слика, ционистите дојдоа во оваа земја пред 125 години со намера да ја претворат арапската земја во еврејска, односно Палестина во Израел. Тоа значеше раселување на автохтоното население, со цел да им се одземе земјиштето. За да го основаат Израел, тие мораа да ги елиминираат Палестинците и да ги протераат во што е можно поголема бројка. Остатокот мораше да биде ограничен на мали делови како Газа или областите А и Б на Западниот Брег“, објасни Халпер.

Тој исто така подвлече дека ционизмот е приказна за раселување.

Халпер додаде дека седум милиони Палестинци се принудени да живеат надвор од нивната земја, а шест милиони што живеат на палестинска земја, под притисок се потиснати во мали и сиромашни подрачја.

Тој посочи дека областа Шеик Џарах е само еден пример за гореспоменатите раселувања во последните 125 години.

- „Доселеничкиот колонијализам не сака да постигне мир“ -

Халпер смета дека на Израел, во контекст на израелско-палестинското прашање како тековно политичко прашање, му е во интерес создавање атмосфера на омраза.

„Мислам дека Израел намерно се обидува да ги подигне верските прашања, бидејќи ако (проблемот) може да направи религиозен конфликт, односно ислам против јудаизмот или ислам против христијанството, кое заедно со јудаизмот стои зад Израел, тогаш целиот проблем ќе се претвори во теолошка војна и ќе стане нерешлив. На некој начин, тоа го сака Израел“, објасни Халпер.

Клучниот проблем, рече тој, е тоа што Израел не сака да се изнајде решение за проблемите во регионот.

„Доселеничкиот колонијализам не сака да постигне мир, тоа е поентата. Тоа не е целта на доселеничкиот колонијализам. Целта на ционизмот е Израел да стане еврејска земја. Ги потиснува Палестинците, се ослободува од нив, ги елиминира и не склучува мир со нив. ‘Земја на колонијални доселеници’ никогаш не може вистински да го признае правото на постоење на автохтониот народ, бидејќи тоа е во спротивност со сопствената теза која гласи: Оваа земја ни припаѓа на нас“, додаде Халпер.

- „Израел создава еден вид постојан конфликт манипулирајќи со религијата“ -

Тој наведе дека Израел на политичките разговори со Палестинците гледа како закана и користејќи го Хамас, сака да ги прикаже своите чекори како „борба против тероризмот“.

Халпер подвлече дека ова е еден постојан конфликт, кој прераснува во трајна војна и дека таквата ситуација му одговара на Израел.

Тој додаде дека Израел за себе ги врзува земјите како што се Јордан, Саудиска Арабија и Египет, обезбедувајќи им воена поддршка за нивниот опстанок на власт. На тој начин, овие земји ги остава надвор од играта во контекст на својата репресивна политика кон Палестинците.

„Мислам дека она што се крие зад инцидентот во џамијата Ал-Акса е дека Израел манипулирајќи со религијата на овој начин, всушност создава еден вид постојан конфликт, бидејќи само на тој начин може и понатаму да врши притисок врз Палестинците и да ја одржува меѓународната поддршка“, рече Халпер.

- „Израел и Евреите се американско прашање“ -

Халпер истакна дека Израел создал средина на „војна со мал интензитет“ во регионот и спроведува стратегија за „управување со конфликти“.

„Целта на конфликтите со мал интензитет е траење на тамошните конфликти, но задржување на доволно ниско ниво за да не се нарушат меѓународните односи и регионот“, рече Халпер.

Тој верува дека САД и Европа имаат еднаков пристап кон Израел и смета дека под тие услови на Израел му се дозволува да продолжи со неговата окупација и другите политики.

Тврдејќи дека Израел, ционизмот и еврејското прашање сега станале внатрешно прашање на САД, Халпер продолжи со зборовите:

„Израел и Евреите се американско прашање. Знаете, ако сте член на Конгресот во Њу Џерси и кандидат за Конгресот, а не сте од регион како Детроит, каде што има многу Арапи, мора да бидете прилично израелски настроен.

Со други зборови, ниту еден американски политичар, вклучувајќи ги и претседателот и неговата администрација, навистина никој не сака да го потроши политичкиот капитал за протерување на Израел (од Палестина).“

Халпер истакна дека САД и западните земји ќе замижат пред израелската „војна со мал интензитет“, сè додека тоа не влијае врз регионалниот поредок.

- „Израел ја губи поддршката на младата еврејска популација во Америка“ -

Од друга страна, Халпер истакнува дека Израел ја губи поддршката кај младата американска еврејска популација и дека единствената вистинска поддршка всушност доаѓа од евангелистите.

„Тоа е навистина интересно. Американската еврејска заедница беше основа за поддршката на Израел и таа дефинитивно се губи од страна на помладата генерација“, објасни Халпер, додавајќи:

„Ова се случува во Америка, и претпоставувам дека ќе биде потребно некое време, бидејќи постарите демократи како што е Бајден (американскиот претседател Џо Бајден) отсекогаш биле супер произраелски. Демократите со текот на годините станаа попроизраелски настроени за разлика од републиканците. И (потпретседателката) Камала Харис е многу, многу произраелски настроена и мислам дека според нив, таков став треба да се заземе на национално ниво. Секако, сè уште сметам дека е малку рано, но мислам дека доживуваме некои вистински промени во Демократската партија и тоа ќе го загрижи Израел.“

- „Палестинците станаа неважни за арапскиот свет“ -

Халпер тврди дека за Израел не постои никаква воена закана од арапскиот или муслиманскиот свет, туку напротив, тој смета дека муслиманскиот свет станал зависен од Израел поради проблемите со Иран и Саудиска Арабија.

„Мислам дека и Палестинците станаа неважни за арапскиот свет. Арапскиот свет дури може палестинската идеја за слобода и демократија да ја види и како закана за себе. Што се однесува до Израел, ним им е многу комфорно“, рече Халпер.

На крај, тој додаде дека според него, единственото решение во контекст на израелскиот доселенички колонијализам во Палестина е формирање на една држава во која се загарантирани демократските права на двата народа.

„Ако го земеме предвид фактот дека Израел моментално постои, не е можно тоа да се реши на тој начин, бидејќи Израел структурно нема капацитет да го признае постоењето на палестинскиот народ“, рече Халпер и подвлече:

„Со децении генерална цел (на Израел) беше заземање на палестинската земја. Не само 78% од земјата, туку целата. Значи, (за Израел) идејата за постоење на две држави е апсурдна. Значи, проблемот е во тоа што Израел ја сака целата земја и никогаш нема да може да се помират со автохтоните Палестинци. Што тогаш? Израел вели, 'добро, што ќе правиме сега? Ќе одржуваме конфликти со мал интензитет, ќе манипулираме со настаните и ќе останеме најдобро што можеме со арапските или муслиманските земји, ќе ја имаме американска поддршка и ќе извршиме притисок врз Палестинците. Одвреме-навреме ќе ги удираме по глава и оваа формула ќе трае уште долго'. Тоа е планот.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.