Dildar Baykan
19 Април 2017•Ажурирај: 20 Април 2017
ВАРШАВА (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, беше пречекан со протести во својата земја, Полска, јавува Anadolu Agency (AA).
Стотици демонстранти собрани пред железничката станица протестираа против Туск, кој беше повикан во Варшава за да даде изјава околу авионската несреќа во којашто загина поранешниот претседател на Полска, Лех Качињски.
Демонстрантите носеа транспаренти на коишто е прикажан Туск во затвореничка облека.
Од друга страна, тоа што е повикан за да даде изјава околу споменатата несреќа, Туск го окарактеризира како политички лов на вештерки (хајка). Одредена група луѓе го поддржуваа Туск извикувајќи пароли „Доналд, со тебе сме!“.
Претставникот на обвинителите од Варшава, Михал Џикански, во март соопшти дека претседателот на Советот на ЕУ и поранешен премиер, Туск, бил поканет во земјата за да даде изјава како сведок.
Јарослав Качињски, братот близнак на лидерот на владејачката партија „Право и правда“ во Полска, истакна дека во периодот кога се случила несреќата, Туск бил на функција во владата, и поради тоа неговото име се спомнува во повеќе истраги. Качињски го обвини тогашниот премиер Туск и неговата влада за смртта на својот брат, и излезе со тврдењето дека безбедноста е намерно занемарена.
Министерот за одбрана на Полска, Антони Мачеревич, во февруари минатата година соопшти дека повторно ќе започне истрагата околу авионската несреќа во 2010 година.
Авионот во кој беше и поранешниот полски претседател Качињски, на 10 април 2010 година се урна во шума при слетување на рускиот аеродром Смоленск, при што загинаа 95 лица. Полските надлежни соопштија дека причина за несреќата освен густата магла била и грешка на полските пилоти и на контролорите на воздушниот сообраќај на Русија.
Тоа што Русија не ги врати остатоците од урнатиот авион предизвика зголемување на тензиите меѓу односите на двете земји.