Hakan Çopur
09 Март 2018•Ажурирај: 10 Март 2018
ВАШИНГТОН (AA) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, го прифати повикот за состанок на севернокорејскиот лидер Ким Јонг, кој ќе е закажан за мај годинава, јавува Anadolu Agency (AA).
Советникот за национална безбедност на Јужна Кореја, Чунг Еуи Јонг, се состана со американски функционери во Белата куќа, а потоа се обрати на конференцијата за новинари.
Чунг говореше за писмото што севернокорејскиот лидер Ким му го упати на Трамп, истакнувајќи ја желбата за одржување состанок со американскиот претседател.
„Претседателот Трамп се согласи во мај оваа година да се состане со Ким Јонг за да биде остварена целта за трајно нуклеарно елиминирање во регионот“, рече Чунг и додаде:
„Ким вети дека неговата земја во наредниот период ќе се воздржи од какво било тестирање нуклеарни или балистички ракети. Исто така, рече дека сфатил оти треба да бидат продолжени рутинските воени вежби помеѓу САД и Јужна Кореја.“
Јужнокорејскиот функционер рече дека со овие чекори се јакнат надежите за воспоставување мирно решение помеѓу двете земји.
Информацијата дека ќе биде одржан состанокот помеѓу Трамп и Ким ја потврди и портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс. Таа истакна дека дополнително ќе биде утврдено местото и времето на состанокот на двајцата лидери.
„Со нетрпение очекуваме Северна Кореја да ја прекине нуклеарната програма. Сè дотогаш санкциите и максималниот притисок мора да бидат продолжени“, порача Сандерс.