Mehmet Burak Karacaoğlu, Ahmet Karaahmet
03 Септември 2021•Ажурирај: 05 Септември 2021
ИДЛИБ
Во градот Идлиб кој се наоѓа во северозападниот дел на Сирија се одржаа „Олимпијади на надежта“, со цел децата кои се жртви на граѓанската војна, да се оддалечат од атмосферата на војната, јавува Агенција Анадолија (АА).
На овие олимпијади учествуваа 50 момчиња и девојчиња на возраст од 6 до 12 години, кои беа дел од различни спортови, како кикбокс, трчање, пливање, кунг-фу и гимнастика.
Абдула Реза ал Фаџ, еден од организаторите, во изјава за АА истакна дека на пат тргнале со мотото „Олимпијади на надежта“, во чии рамки организирале натпревари во различни спортови за децата во Идлиб.

Фаџ нагласи дека децата натпреварувачи биле тренирани од страна на спортистите од Спортската академија на Сирија и на клубот „Железна тупаница“.
„Овој настан го организиравме со цел хармонизирање на децата кои се присилно раселени со децата кои веќе го продолжуваат својот живот во подрачјето, и со цел да ги оддалечиме децата од атмосферата на војната. До светот сакам да пренесам дека можеме да живееме во подрачјето и дека можеме да го продолжиме животот“, рече Фаџ.
Рагад Абдурахим, една од натпреварувачите, истакна дека нејзиниот татко го загубила во нападите на Асадовиот режим, додавајќи дека ќе оди по сонот на нејзиниот татко.

„Сакам да бидам успешна како светските шампиони и да ги тренирам децата“, нагласи Абдурахим, која стана победничка во пливање.
Дванаесетгодишниот Мухамед Фајсал Гави истакна дека учествувал на повеќе натпревари, како трчање, кунг-фу, пливање и гимнастика, и дека станал првак во трчање.
Гави рече дека сака да стане како неговиот тренер кој загинал во нападите на Асадовиот режим.