АНКАРА (АА) - Денес се одбележува една година од последните судири од големи размери што избија во подрачјето на Нагорно Карабах минатата есен, на 27 септември 2020 година, кога ерменската Армија започна напади врз цивилите и азербејџанските сили, кршејќи неколку хуманитарни договори за прекин на огнот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Минатогодишниот конфликт - познат како Втора војна во Карабах или Патриотска војна - ја преобликуваше геополитичката слика на Кавказ и беше последната „капка“ што стави крај на толеранцијата на Азербејџан во регионот.
Односите меѓу поранешните советски републики Азербејџан и Ерменија се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, територија меѓународно призната како дел од Азербејџан и седум соседни региони - Лачин, Калбајар, Агдам, Фузули, Џабраил, Кубадли и Зангилан.
Во јули минатата година, при прекршувањето на прекинот на огнот во Ерменија загинаа 12 азербејџански војници - меѓу кои и високи офицери - а беа ранети четири војници, што дополнително создаде бес во Азербејџан, кој беше на крајот од своето трпение. Загина и еден постар цивил од Азербејџан.
На 21 септември 2020 година, судирите во регионот повторно се разгореа откако загина војник на азербејџанската Армија, а друг беше ранет.
До тоа време, имаше четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две Генерални собранија на ОН, како и одлуки на многу меѓународни организации, што се однесуваа на конфликтот Ерменија - Азербејџан и бараа повлекување на професионалните ерменски сили од Нагорно Карабах и седумте други окупирани региони.
Групата Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) - со која копретседаваа Франција, Русија и САД - беше формирана на 24 март 1992 година за да изнајде мирно решение за конфликтот, но безуспешно. Копретседавачите на групата Минск, кои периодично ги посетуваа двете земји и остваруваа средби со властите, не направија ништо повеќе од тоа што ги предупредуваа страните да се придржуваат до прекинот на огнот.
Осврнувајќи се на големите воени провокации на ерменската Армија на фронтот рано утрото на 27 септември минатата година, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев јасно порача дека оние што се обидуваат да го заплашат Азербејџан ќе зажалат.
Алиев ги нарече провокациите „уште една манифестација на ерменскиот фашизам“.
Тој нагласи дека воените провокации на Ерменија кон Азербејџан неодамна станале редовни.
Азербејџанските власти го обвинија светот за молкот за ерменските напади, истакнувајќи дека Ерменија ги продолжува нападите бидејќи нема светска реакција на нејзината агресија.
Но, Анкара уште од раните утрински часови на конфликтот остро ги осуди нападите на Ерменија и ја повтори својата целосна поддршка за Баку.
- 'Самостојно спроведување на резолуциите на ОН' -
Всушност, според азербејџанските претставници, Азербејџан, кој трпеливо чекаше правда три децении, сега сам ги спроведуваше релевантните резолуции на ОН за да ги избрка окупаторските сили од својата земја.
Попладнето на првиот ден од судирите, азербејџанското Министерство за одбрана објави вест што нацијата ја чекаше речиси три децении - „Армијата на земјата ги ослободи првите шест погранични села од ерменската окупација“.
Министерството, исто така, вети дека доколку ерменските сили се предадат, воените затвореници и цивилните заложници ќе бидат третирани во согласност со Женевската конвенција и другите меѓународни правни норми.
Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повтори дека Турција целосно е покрај Азербејџан и изрази жалење за двојните стандарди на меѓународната заедница за неосудата на ерменската агресија.
Тој рече дека последните прекршувања од Ерменија по должината на границата со Азербејџан покажале дека тоа е најголемата закана за регионалниот мир.
„Турција секогаш ќе биде покрај азербејџанските туркијци со сите средства во нивната борба да го заштитат својот територијален интегритет“, му рече турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, на својот азербејџански колега Закир Хасанов за време на телефонски разговор.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, нагласи дека Анкара е покрај Азербејџан на терен и на преговарачката маса.
Пакистан исто така го искористи своето влијание да го поддржи Азербејџан по прекршувањата и нападите на границите во регионот.
„Пакистан стои покрај братската нација Азербејџан и го поддржува нејзиното право на самоодбрана“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
„Го поддржуваме ставот на Азербејџан за Нагорно Карабах, што е во согласност со неколку едногласно усвоени резолуции на Советот за безбедност на ОН“, се додава во соопштението.
И Турција и Пакистан постојано го негираа присуството на нивните војски во Азербејџан, кои се бореа против Ерменија.
- Реакции од светот -
Светот, кој околу 30 години не успеа да стави крај на илегалната окупација на азербејџанската територија, почна да бара прекин на вооружените судири. Се јавуваа повици за прекин на непријателствата од целиот свет и разни меѓународни институции.
На 27 септември 2020 година, Министерството за надворешни работи на Русија ги повика соседните земји „веднаш да престанат со огнот и да започнат преговори со цел да се стабилизира ситуацијата“.
Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, во изјава повика на „итен прекин на непријателствата, деескалација и строго почитување на прекинот на огнот“ меѓу Ереван и Баку.
„Страните треба веднаш да ги прекинат судирите“, изјави Џејмс Апатурај, специјален претставник на генералниот секретар на НАТО за Кавказ и Централна Азија.
Осудувајќи ја употребата на сила и цивилните жртви, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика страните веднаш да престанат со борбите, да ги намалат тензиите и да се вратат на преговорите без одлагање.
Советот за безбедност на ОН, исто така, го поддржа повикот на Гутереш за прекин на судирите.
Во меѓувреме, администрацијата на Трамп во САД не беше многу подготвена да го запре насилството на Кавказот.
„Ќе видиме дали можеме да го спречиме тоа“, изјави поранешниот претседател Доналд Трамп за новинарите на прес-конференцијата во Белата куќа, додавајќи дека САД „имаат многу добри односи во таа област“.
На 28 септември минатата година, францускиот претседател Емануел Макрон му се јави на азербејџанскиот претседател Алиев и ја изрази својата загриженост поради судирите на линијата на фронтот помеѓу Ерменија и Азербејџан, велејќи дека проблемот треба да се реши преку преговори.
Алиев му одговори на Макрон дека ерменската администрација намерно го нарушила преговарачкиот процес и дека изјавата на ерменскиот премиер Никол Пашињан дека „Нагорно Карабах е Ерменија“ нанела сериозен удар врз процесот.
Подоцна, Макрон изрази солидарност со Ерменија во конфликтот со Азербејџан, велејќи: „Утврдено е дека нападите... доаѓаат од Азербејџан.“
- Терористичките организации во Нагорно Карабах -
Азербејџанските власти тврдеа дека Ерменија донела и вооружила терористички организации на окупираните територии на Азербејџан, вклучувајќи ја и ПКК и таканаречената Ерменска тајна армија за ослободување на Ерменија или АСАЛА.
ПКК во својата повеќедецениска терористичка кампања е одговорна за смртта на 40.000 луѓе - вклучувајќи жени и деца, додека АСАЛА е одговорна за смртта на десетици турски дипломати во терористички атентати.
„Меѓу жртвите на Ерменија во Карабах се идентификувани платеници со ерменско потекло од Сирија“, соопшти азербејџанското Министерство за одбрана, додавајќи дека ерменската страна го криела тоа и од локалната и од меѓународната заедница.
Азербејџан најде поддршка за својата позиција во Анкара, при што турскиот министер за одбрана рече: „Ерменија мора веднаш да ги прекине своите напади и да ги испрати назад платениците и терористите што ги донесе од странство.“
Според извори кои побараа анонимност, Ерменија постигнала таен договор со терористичката организација ЈПГ/ПКК на крајот на јули 2020 година, пред да започне со напади врз цивилните азербејџански населби.
„Во текот на изминатите неколку месеци пред ескалацијата на судирите, Ерменија донесе околу 300 терористи на ЈПГ/ПКК од земјите од Блискиот Исток во Нагорно Карабах за да ги обучи ерменските милиции“, велат изворите.
ПКК е на листата терористички организациина Турција, САД и ЕУ, а ЈПГ е нејзин сириски огранок.
- Прекин на огнот -
Првото примирје меѓу Баку и Ереван, постигнато на 10 октомври 2020 година, беше прекршено во рок од 24 часа, бидејќи ерменските ракетни напади врз азербејџанскиот град Ганџа однесоа животи на цивили.
Второто примирје постигнато на 17 октомври 2020 година, исто така, беше прекршено од трупите на Ерменија.
Привремениот хуманитарен прекин на огнот со посредство на САД меѓу Азербејџан и Ерменија - за размена на затвореници и тела - стапи на сила на 26 октомври. Меѓутоа, тоа беше краткотрајно, бидејќи ерменските сили уште еднаш го прекршија примирјето по само неколку минути откако стапи на сила.
Покрај другите градови и села, ослободувањето на стратешкиот град Шуша од страна на Баку на 8 ноември значеше дека победата е неминовна. Шуша, позната и како бисер на Нагорно Карабах, беше окупирана од ерменските сили на 8 мај 1992 година.
На 10 ноември минатата година, двете земји потпишаа договор со посредство на Русија за прекин на борбите и започнување со работа кон сеопфатно решавање на спорот.
Во текот на шестнеделните борби, Азербејџан ослободи неколку градови и околу 300 населби и села по речиси три децении окупација.
Прекинот на огнот се смета за победа на Азербејџан и пораз на Ерменија. Во согласност со договорот, ерменските сили се повлекоа од територијата на Азербејџан, а руските мировни сили беа распоредени во регионот.
На 11 јануари, лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија потпишаа пакт за развој на економските односи и инфраструктурата во корист на целиот регион. Тоа вклучуваше формирање трилатерална работна група за Нагорно Карабах.
Заедничкиот турски и руски центар за мониторинг на договорот за прекин на огнот меѓу Азербејџан и Ерменија потоа стана оперативен во Нагорно Карабах на 30 јануари.
„И покрај договорот од 10 ноември што стави крај на конфликтот, ерменската Армија го прекрши овој договор неколку пати, исто така, убивајќи неколку азербејџански војници“, се вели од азербејџанското Министерство за одбрана.
news_share_descriptionsubscription_contact
