Ekipa
29 Јануари 2018•Ажурирај: 30 Јануари 2018
СОЧИ (АА) - Делегациите на Турција, Русија и Иран денес ќе одржат последен подготвителен состанок во пресрет на утрешниот Конгрес за сириски национален дијалог на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Конгресот ќе се одржи утре во Сочи, а сириските делегации веќе започнаа да пристигнуваат во тој руски град.
Паралелно со тоа, челниците на делегациите на трите земји кои се гарантери на мировниот процес, односно Турција, Русија и Иран денес ќе го одржат последниот подготвителен состанок.
Главна тема на Конгресот ќе биде избор на уставотворната комисија на Сирија, а се очекува учество на речиси 1600 делегати од Сирија.
Бојкот на состанокот најави Врховниот преговарачки комитет, тело кое ја застапува сириската опозиција во преговарачкиот мировен процес кој се води под покровителство на ОН во Сирија. Тоа тело бара преговарање во Женева на тема политичка транзиција во Сирија.
Опозицијата негодуваше и поради тоа што на амблемот на престојниот Конгресот се нашло знамето и обележјето на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
На состанокот во Сочи ќе присуствуваат високиот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура.
Тој пред три дена изјави дека учествува на собирот во Сочи под услов постигнатите договори да бидат тема на дискусии во женевскиот процес.
Истакнувајќи дека сите чекори кон воспоставување на новиот устав на Сирија треба да се направат во рамките на процесот во Женева, Де Мистура изјави дека во уставотворната комисија мора да бидат застапени претставниците на сирискиот режим, опозицијата, сириските експерти, невладините организации, племенските лидери и жените.
По барање на Турција, на конгресот во Сочи не се повикани претставниците на терористичката организација ПЈД/ПКК, ниту било кој поврзан со таа организација.