Hakan Çopur
27 Јуни 2019•Ажурирај: 28 Јуни 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Пред претседателските избори во САД, закажани за 2020 година, кандидатите за претседателски кандидат на демократите, за првпат во емисија во живо ги споделија своите адути, а печат на дебатата стави дискусијата за здравствениот систем во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во програмата во живо на телевизискиот канал „Ен-би-си“ (NBC) во градот Мајами, во американската сојузна држава Флорида, учествуваа 10 кандидати на Демократската партија, меѓу кои беа сенаторката Елизабет Варен, градоначалникот на општина Њујорк, Бил де Бласио, сенаторот Кори Букер, поранешниот министер Хулиан Кастро, сенаторката Тулис Габард и сенаторката Еми Клобучер.
Сите гости во емисијата имаа по една минута време да одговорат на секое прашање. Од една страна ја критикуваа политиката на републиканците, а од друга страна, истакнувајќи се себеси, ги промовираа своите ветувања.
Демократските кандидати главно зборуваа на темата за реформите во здравствениот систем, прикажувајќи различни гледишта, од тоа дали во потполност да се отстрани или не приватното здравствено осигурување, до тоа каква улога треба да одигра државата на полето на здравството.
Сенаторката Варен и градоначалникот Де Бласио го бранеа ставот дека приватното здравствено осигурување треба во потполност да се укине, додека останатите кандидати сметаа дека приватното здравствено осигурување треба да продолжи со поинаква верзија.
- Прашање околу „Најважната геостратешка закана“
Во програмата во која беше дискутирано и за надворешната политика на САД, прашањето на водителот кон секој кандидат „Според Вас, која е најголемата закана за САД?“, предизвика особен интерес.
Некои кандидати директно ги посочија државите Иран, Кина и Русија, додека дел од кандидатите како најголема закана ги посочија климатските промени.
Изјавата на гувернерот на Вашингтон, Џеј Инсли „Најголема закана за безбедноста на САД претставува претседателот Трамп“, со овации беше поздравена од страна на гостите во програмата.
- „Од војната оддалечени колку еден твит“
Речиси сите кандидати на дебатата се согласија дека повлекувањето на претседателот на САД, Доналд Трамп, од Договорот за нуклеарната програма со Иран е голема грешка, а сенаторката Клобучер истакна дека во случај да биде избрана, повторно ќе го заживее Договорот.
„Во вистинско значење на зборот, овој претседател, во ситуација кога секој ден за 10 минути може да се влезе во војна, тој од војната е оддалечен колку еден твит“, рече Клобучер, истакнувајќи: „Не треба да градиме надворешна политика, додека во 5 часот наутро ја облекуваме бањарката“, што предизвика голем аплауз во салата.
- „Талибанци ќе има и по нас“
Од друга страна, во врска со војната во Авганистан, сенаторката Габард истакна дека САД треба во потполност да се повлечат од таа земја. „Талибанци имаше во оваа земја и пред нас, а ќе ги има и многу по нас“, посочи Габард.
Претседателот Трамп, кој во авионот на патот кон Јапонија ја следел дебатата на демократите, преку својот профил на социјалната мрежа Твитер, напишал „Здодевно!“.
На дебатите се натпреваруваат вкупно 20 демократски кандидати, а втората дебатна програма во живо е закажана за утревечер.
И на оваа дебата ќе учествуваат 10 кандидати, а меѓу нив се наоѓаат и поранешниот заменик-претседател на САД и кандидат кој во анкетите е на врвот од листата, Џо Бајден и сенаторот на Вермонт, Барни Сандерс, кој во анкетите е веднаш по него.
Во трката за претседателски кандидат на демократите, според анкетите за јавно мислење, со големо водство е поранешниот заменик-претседател Џо Бајден.
Изборите за 59. претседател на САД ќе се одржат на 3 ноември 2020 година.