Ekipa
07 Мај 2019•Ажурирај: 08 Мај 2019
ЈАНГОН (АА) - Двајцата новинари на „Ројтерс“ (Reuters), кои во Мјанмар беа затворени поради истражување на масакрот врз Рохинџите, се ослободени утринава, откако поминаа повеќе од 500 дена во затвор, јавува Anadolu Agency (AA).
Ва Лоне (32) и Кјав Сое О (28) се наоѓаат меѓу 6.520 затвореници кои се ослободени во рамките на третиот круг на помилување од страна на мјанмарскиот претседател Вин Мјинт, по повод традиционалната Нова година, која започнува на 17 април.
Сопругата на Ва Лоне, Пан Еи Мон, за АА го потврди ослободувањето на новинарите.
„Сега сме со нив. Тие се ослободени“, изјави таа во телефонскиот разговор.
Двајцата новинари беа уапсени во декември 2017 година и во септември 2018 година беа осудени на по 7 години затвор, поради прекршување на Законот од колонијалната ера, кога вршеле истрага за убиствата на 10 мажи Рохинџи во Аракан во 2017 година.