Recep Şakar
25 Мај 2017•Ажурирај: 25 Мај 2017
МЕЛБУРН (АА) - Австралискиот министер за миграции, Питер Датон, изјави дека најдобро би било сите странски борци што одат во Сирија и војуваат во редовите на терористичката организација ДЕАШ, да загинат таму и никогаш да не се вратат во земјата од каде што потекнуваат, јавува Anadolu Agency (AA).
„Најдобро би било оние што одат за да војуваат да бидат убиени таму, во Сирија, и никогаш да не се вратат. Така веќе никогаш никого не би вознемирувале. Отворено мислам дека тоа е судбината што ја заслужуваат“, изјави министерот Датон за австралиското радио „2GB“.
Паралелно со тоа, и австралискиот министер за правда, Џорџ Брандис, изјави дека повратниците од блискоисточните боишта се најголемата безбедносна закана во земјите на Југоисточна Азија.
„Речиси 600 лица од регионот заминаа на боиштата на Блискиот Исток и ако се вратат, ќе претставуваат голема безбедносна закана“, изјави Брандис и додаде дека Австралија презела одредени мерки во борбата против таа појава, вклучувајќи и одземање на пасошите на лицата за кои ќе се утврди дека отишле во редовите на ДЕАШ во Сирија.
Изјавите на австралиските министри следуваа како реакција на синоќешниот терористички напад што се случи во Џакарта, главниот град на Индонезија.
Двајца бомбаши-самоубијци на ДЕАШ убија тројца индонезиски полицајци, а ранија десет лица. Се претпоставува дека станува збор за повратници од сириските боишта.