Nilay Kar
20 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
КОПЕНХАГЕН (АА) - Данскиот Парламент денес го усвои контроверзниот Нацрт-закон со кој им се дозволува на властите да ги преместат „непожелните“ мигранти на оддалечен ненаселен остров, на кој претходно се наоѓале заразни животни, јавува Anadolu Agency (AA).
Остро критикуван од групата за човекови права, Нацрт-законот беше ратификуван со поддршка од Либералната партија (Венстре), Либералниот сојуз и Конзервативната народна партија, како и десничарската популистичка Данска народна партија.
Данската Влада планира да воспостави „излезен (exit) центар“ за бегалците на островот Линдхолм, кој има вкупна површина од 7 хектари, а кој претходно е користен од страна на Техничкиот универзитет на Данска како полигон за испитување на заразните болести на животните.
На почетокот од декември, данскиот министер за миграции, Ингер Стојберг, на социјалната мрежа Фејсбук изјави дека некои луѓе се „непожелни во Данска и дека мора тоа да го забележат“.
Минатата недела илјадници демонстранти се собраа на протестите одржани во двата најголеми града на Данска, Копенхаген и Орхус, и бараа од Владата да се откаже од плановите за испраќање на бегалците и мигрантите на југоисточниот остров Линдхолм.