Ekipa
09 Август 2019•Ажурирај: 10 Август 2019
ЊУ ДЕЛХИ
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, ги повика Индија и Пакистан да се воздржат од преземање на какви било чекори кои би влијаеле на статусот на Кашмир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Стефан Дујариќ, портпаролот на ОН, изјави дека „положбата на ОН во овој регион е регулирана со Повелбата на ОН и важечките резолуции на Советот за безбедност“.
Дујариќ истакна дека генералниот секретар на ОН потсетил на договорот од Симла? Simple, кој во 1972 година го потпишале Индија и Пакистан, а според кој „конечниот статус на Џаму и Кашмир мора да се реши по мирен пат, во согласност со Повелбата на Обединетите нации“.
„Генералниот секретар е загрижен и поради извештајот за ограничувањата на индиската страна на Кашмир, што би можело да ја влоши ситуацијата на човечките права во тој регион, и повторно повика на максимална воздржаност“, пренесе Дујариќ.
Индиските власти на 5 август донесоа одлука за укинување на специјалниот статус на Џаму и Кашмир и одлучија да го поделат тој хималајски регион на два дела.
Министерот за внатрешни работи на Индија, Амит Шах, тогаш го прочита предлог-законот за измена и надополнување на законот со кој се укинува членот 370 од индискиот Устав.
Членот 370 на тој регион му овозможува сопствен Устав, одделно знаме и независност за сите прашања освен за надворешната политика, одбрана и комуникации.
Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без решение за тој регион. Муслиманите претставуваат 90 % од популацијата на Кашмир, кои по повлекувањето на Британците и во тој период побараа да се приклучат на Пакистан, но тогашниот кнез сепак, одлучи Кашмир да се приклучи на Индија.
Пакистан и Индија на тој начин во 1947 година за првпат влегоа во војна за Кашмир. Поради истата причина двете земји повторно војуваа во 1965 и во 1999 година.
Индија контролира околу 45 % од Кашмир, Пакистан околу 35 %, а Кина 20 %. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е една од доминатно муслиманските покраини во Индија.
Советот за безбедност на Обединетите нации со низа резолуции предвидува статусот на Кашмир да се реши со волјата на тамошното население и тој регион да се демилитаризира. Такво сценарио застапува и Пакистан, но не и Индија.
Советот за национална безбедност на Пакистан одлучи да го деградира нивото на дипломатски односи со Индија.