Ekipa
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
АТИНА (АА) - Доцна синоќа на Владата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ѝ беше изгласана доверба откако беше одбиен предлогот за гласање недоверба предложен од страна на главната опозициска партија Сириза, јавува Агенција Анадолија (АА).
По завршувањето на прозивното гласање, 156 пратеници гласаа против предлогот, 142 гласаа „за“, додека еден пратеник не беше присутен.
Пратеничката од Нова Демократиja, Мариета Џанакоу беше хоспитализирана доцна во саботата по пад.
Предлогот за гласање недоверба беше претставен во четвртокот од лидерот на Сириза и поранешен премиер Алексис Ципрас, кој имаше серија критики, меѓу кои и справувањето со пандемијата на коронавирусот, зголемувањето на цените на храната и справувањето на Владата со снежното невреме претходната недела „кои докажуваат дека Мицотакис и неговата vлада се неефикасни и опасни за земјата“.
Жестоката дебата околу предлогот за гласање недоверба започна во петокот но врвот го достигна во текот на вчерашниот ден, кога Мицотакис упати големи критики кон Ципрас.
„Предлогот е очаен обид на главниот опозициски лидер да нанесе рани на сопствената партија“, рече премиерот Мицотакис во Парламентот.
„Најавивте дека политички сум готов. Претпоставувам дека оваа прогноза е точна како кога рековте дека нема шанси, еден во милион, Мицотакис да победи на изборите“, додаде Мицотакис, обраќајќи му се на Ципрас.
Мицотакис го обвини лидерот на Сириза дека го прави тоа што „најдобро го знае, искривување на вистината“.
Ципрас возврати обвинувајќи го Мицотакис дека „живее во стаклен меур“, и со подбив говореше за неговото неодамнешно извинување поради настаните по снежното невреме.
„Вие должите 23.275 извинувања“ рече Ципрас, мислејќи на животите изгубени поради пандемијата.
„Време е некој да ви каже што навистина се случува во грчкото општество“, додаде тој.
„Најлошата работа е тоа што вие живеете во свој паралелен универзум каде што сѐ оди добро, бидејќи тоа е претставено како добро од меинстрим медиумите“, рече Ципрас.
„Вие сте готови, не само поради тоа што покажавте неуспех со големите човечки, економски и општествени загуби во речиси сите клучни прашања со кои се справувавте, со пандемијата, со пожарите, високите цени, неодамнешниот снег, туку поради тоа што кога покажавте неуспех во сѐ вие продолживте да верувате на провокативен начин дека вие не сте премиер кој мора да одговара, туку принц чија моќ е наследно право“.