Furkan Naci Top
27 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
АТИНА (AA) - Грчкиот министер за економија и развој, Димитрис Пападимитриу, поднесе оставка по контроверзноста околу примање надомест за изнајмување на станот на неговата сопруга, која, исто така, е дел од кабинетот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од канцеларијата на грчкиот премиер Алексис Ципрас e наведено дека оставката на Пападимитриу е прифатена.
Ранија Антонопулос, сопруга на Пападимитриу, која беше заменик-министер за труд и социјала, исто така, ја напушти функцијата поради скандалот околу примањето надомест за изнајмување на станот.
Антонопулос, која беше во кабинетот од јануари 2015 година, поднесе оставка. Таа наведува дека ги вратила 23.000 евра што ги добила како надомест за две години.
Пападимитриу, кој, исто така, е одговорен за приватизацијата во земјата за време на финансиската криза, дојде на функција по промената на кабинетот во ноември 2016 година.
Според грчките закони донесени во 2015 година, финансиска поддршка за сместување се обезбедува за членовите на кабинетот што живеат надвор од главниот град, Атина. Сепак, двајцата беа критикувани за примањето надомест и покрај фактот што нивната финансиска состојба е добра.