Sarp Özer
25 Декември 2020•Ажурирај: 27 Декември 2020
АНКАРА
Брод на грчката крајбрежна стража вчера во Егејското Море го турна гумениот чамец полн со мигранти кон турските територијални води, оставајќи ги да умрат во студените води на Егејот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со беспилотно летало на турските поморски сили снимени се моментите кога мигрантите, меѓу кои имаше и деца, се приближуваа кон смртта. Како и секогаш, на мигрантите рака им подадоа турските војници.
За време на истражувачките и набљудувачките активности што Командата на турските поморски сили ги спроведува во Егејското Море со беспилотни летала, забележан е нехуман третман од страна на бродовите на грчката крајбрежна стража кон мигрантите.
Откако бродот ЛС-70 на грчката крајбрежна стража пристигна јужно од ‘ртот Баба на северниот дел од островот Лезбос, мигрантите што се наоѓаа на бродот беа префрлени во гумен чамец. Потоа започнаа страшните моменти за мигрантите, меѓу кои имаше и деца.
Грчки војници во морето спуштија уште еден чамец и започнаа да го влечат чамецот со мигранти.
Подоцна, откако чамецот со мигрантите беше одвлечкан во турските територијални води, грчките војници ја напуштија областа.
Како и секогаш, турските војници им притрчаа напомош на мигрантите кои беа оставени да умрат во студените води на Егејот.