Furkan Naci Top
22 Јуни 2017•Ажурирај: 23 Јуни 2017
АТИНА (АА) - Вработените во комунална хигиена одржаа протест поради можноста да останат без работа, по одлуката општините во Грција да не им ги продолжат договорите за работа, јавува Anadolu Agency (AA).
На повик на локалното раководство од Федерацијата на вработените (POE-OTA), на плоштадот Караискакис се собраа околу 2.000 вработени од комунална хигиена, кои тргнаа пеш кон зградата на Министерството за внатрешни работи. Демонстрантите сакаа да влезат во зградата на министерството, но полицијата ги спречи.
Вработените од комунална хигиена го истурија сметот пред влезот на зградата и се обидоа да го запалат. Оттука се упатија кон зградата на Собранието.
Полицијата со солзавец им се спротивстави на работниците кои сакаа да влезат во Собранието.
На некои претставници на работниците им беше дозволен влез во објектот, за да се сретнат со претседателот на Собранието, Никос Воутсис.
Во меѓувреме, медицинска помош побараа граѓаните кои поради топлото време беа во близина и го почувствуваа дејството на солзавецот.
- Купишта ѓубре на улиците во Грција -
Ревизискиот суд донесе одлука да не се продолжат договорите на работниците од комунална хигиена кои работат по договор, бидејќи тоа е во спротивност со Уставот. По оваа одлука, околу 10.000 вработени во комунална хигиена се соочуваат со можноста да останат без работа.
По штрајкот на вработените во комунална хигиена во Атина и во некои други градови, останаа купишта ѓубре околу контејнерите. Ѓубрето не се собира веќе два дена и поради топлото време во околината се шири непријатна миризба.
Грција е земја од еврозоната којашто има најголема невработеност, која во март изнесуваше 22,5 отсто.