Büşra Nur Bilgiç Çakmak
25 Декември 2020•Ажурирај: 27 Декември 2020
АТИНА
Контроверзниот декрет за удвојување на територијалните води на Грција на нејзиниот западен брег - свртен кон петицата на Италија и кон Крит - од 6 на 12 наутички милји е одобрен од Врховниот суд на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според грчкиот дневен весник „Прото тема“ (Proto Thema), декретот, наводно, подготвен врз база на Меѓународната конвенција за поморско право, ја опфаќа поморската зона од островите во Јонското Море до ’ртот Тенарон, најјужниот ’рт на Пелопонез.
Во декретот, според весникот, се вели дека грчката Влада го задржува правото да остварува слични права и во други региони.
Во август, премиерот Кирјакос Мицотакис рече дека Владата планира да поднесе предлог-закон за удвојување на територијалните води на Грција во Јонското Море.
„Во иднина, Грција, исто така, може да ги прошири своите територијални води и во другите поморски области“, додаде тој.
Во средината на 1990-тите години, Грција на сличен начин се обиде да ги прошири своите територијални води во Егејското Море на 12 милји, но го смени планот откако Турција објави дека ваквиот потег ќе биде сметан за casus belli, односно потег кој би предизвикал војна.