Aida Cako
02 Октомври 2025•Ажурирај: 02 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) – Десетици Израелци денес со полициска придружба влегоа во комплексот на џамијата Ал-Акса во Источен Ерусалим, што палестинските власти го осудија како „упад“ и прекршување на статусот на светото место, јавува Анадолу.
Настанот се случи под изговор одбележување на Јом Кипур или Денот на помирувањето, кој се смета за најсветиот религиозен празник на Евреите.
Еден Евреин од групата бил одвлечен до возило од страна на полицајците во комплексот Ал-Акса.
Сведоците пренесуваат дека групите извршиле верски обреди во дворот на џамијата, користејќи го местото како храм, а израелската полиција ги придружувала за време на инцидентот.
Одделот за вакафи, кој работи во рамките на Министерството за вакафи, исламски работи и свети места на Јордан, остро го осуди влегувањето. Во соопштението се нагласува дека ваквите посети се сметаат за „напади“ и прекршување на постојните меѓународни договори.
Статусот на џамијата Ал-Акса е регулиран со мировниот договор од 1994 година меѓу Израел и Јордан, кој му дава на Одделот за вакафи, назначен од Јордан, старателство над исламското свето место. Сепак, од 2003 година израелските власти дозволуваат вакви упади врз основа на еднострани одлуки, дозволувајќи им на групите да пристапат до комплексот под силна полициска заштита без да бараат дозвола од Одделот за вакафи.
За муслиманите, Ал-Акса претставува трето најсвето место во светот. Евреите, од своја страна, ова подрачје го нарекуваат Рид на храмовите, велејќи дека таму се наоѓале два древни еврејски храма.