Ruslan Rehimov
08 Ноември 2020•Ажурирај: 09 Ноември 2020
БАКУ (АА) - РУСЛАН РЕХИМОВ -
Градот Шуша, кој по 28 години е ослободен од ерменска окупација, за Азербејџанците има многу поголема важност од само еден град, јавува Агенција Анадолија (АА).
Покрај тоа градот што е симбол на азербејџанската историја и култура, Шуша има и стратешка важност поради својата географска положба и поради тоа што се наоѓа на патот кој води кон најголемиот град на Нагорно Карабах, Ханкенди.
Азербејџанската Војска, со операцијата што ја започна за да ги ослободи своите територии, ја презеде контролата врз градот Шуша, а со ова заврши големиот копнеж на Азербејџанците и жителите на Шуша, кои пред 28 години биле принудени да го напуштат градот.
Шуша бил изграден во 1752 година од страна на владетелот на Карабах, Пенахали, а градот е важен не само за неговите жители, туку и за сите жители на Азербејџан поради тоа што поседува голем број историски споменици, како и поради тоа што тука биле родени голем број истакнати научници и важни лица од областа на културата.
Исто така, Шуша се смета за град симбол на Карабах поради историското и културното богатство и природните убавини, а се опишува и како „лулка на азербејџанската музика“ поради неговите познати композитори и музичари.
Починатиот претседател на Азербејџан, Хајдар Алијев, го опишуваше градот Шуша со следните зборови: „Ова е голем споменик создаден од страна на азербејџанскиот народ и нашите предци. Шуша е свет град, свето кале и свет споменик не само за народот на Шуша, туку и за сите Азербејџанци.“
Шуша беше меѓу главните цели на Ерменците кои во процесот на распадот на Советскиот Сојуз извршија напад со цел да ги остварат своите претензии кон териториите на Азербејџан што ги планирале долго време.
Ерменците, преку нападите што ги започнаа во 1991 година, првин го окупираа градот Ханкенди, а потоа на 26 февруари 1992 година ерменската Војска ја презеде контролата врз градот Хоџали. Ерменските сили го извршија најголемиот масакр на векот преку масакрирање на 613 цивили, меѓу кои имаше деца и жени, во Хоџали. Ерменските сили потоа на 8 мај 1992 година го окупираа градот Шуша.
Стотици Азербејџанци го загубија својот живот бранејќи го градот Шуша, додека голем број Азербејџанци беа задржани како заложници или се водат како исчезнати.
Окупацијата предизвика азербејџанската економија да претрпи голема загуба. Илјадници лица беа принудени да ги напуштат своите територии. Над 300 историски споменици на Азербејџан беа оштетени. Во Шуша, каде што пред окупацијата живееле над 20.000 Азербејџанци, по окупацијата беа сместени Ерменци.
Азербејџанците, кои стотици илјади години се вистински сопственици на Шуша, во текот на овие 28 години беа принудени да живеат во другите зони на Азербејџан. Во Ерменија, 8 мај беше одбележуван како празник, а овој датум во Азербејџан беше тажен ден.
Меѓу другото, Шуша се наоѓа на надморска височина од 1.300 до 1.600 метри, а на преден план излегува и со своите природни убавини.
Во периодот на Советскиот Сојуз, Шуша, познат по своите лековити извори, беше еден од најмногу посетените градови, а овој град наликува на кале поради тоа што од три страни е обиколен со карпи.
Шуша, исто така, е родно место на познатите азербејџански музичари Џабар Карјагдиоглу, Курбан Пиримов, Булбул, Сејит Шушински, Хан Шушински, Узејир Хаџибејов, Решит Бехбудов, Нијази, Фикрет Емиров; како и родно место на познатите писатели и мислители Хуршудбану Натаван, Касим-бег Закир, Сулејман Сани Ахундов, Абдурахим Хаквердијев и Наџаф-бег Везиров.
Поради сите овие карактеристики, Шуша е повеќе од град за Азербејџанците. Од 27 септември, кога азербејџанската Војска ја започна операцијата, досега, Азербејџанците го очекуваа денот кога ќе биде спасен градот Шуша, а откако азербејџанскиот претседател, Илхам Алијев, соопшти дека Шуша е ослободен од окупација, тие излегоа на улиците.