?kipa
13 Август 2017•Ажурирај: 14 Август 2017
КУВАЈТ (АА) - Крајбрежната стража и другите служби во Кувајт денес се ангажирани во борбата против големата количина на излиена нафта која остави големи дамки во Персискиот Залив, пренесува Anadolu Agency (AA).
Досега не е познато од каде и поради што дошло до излевање на нафтата во морето, а властите на Кувајт тврдат дека не станува збор за нафта од нивните нафтени полиња во Персискиот Залив.
Иако сѐ уште не е познато за колкави количини на нафта станува збор, кувајтската Агенција за околина соопшти дека нафтата се заканува со загадување на постројките за питка вода и електраните на јужните брегови на Кувајт.
Најголемите нафтени дамки се во Персискиот Залив кај градот Рас ал-Зур.
Кувајтската новинска агенција КУНА јавува дека стотици бродови и чамци се обидуваат да ја стават под контрола нафтата којашто плови по кувајтските води на Персискиот Залив, и дека во втората фаза ќе ги чистат плажите и бреговите до кои нафтата стигнала.
Во борбата против излиената нафта во Персискиот Залив се вклучени и властите и службите на Саудиска Арабија, кои исто така во тоа подрачје имаат свои нафтени полиња.