Cüneyt Karadağ
25 Октомври 2019•Ажурирај: 25 Октомври 2019
БЕРЛИН (АА) - Зголемувањата на насилствата од приврзаниците на ЈПГ/ПКК во Германија продолжуваат, а германските власти и понатаму остануваат рамнодушни кон активностите на терористичката организација, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од започнувањето на операцијата „Извор на мирот“ на 9 октомври, приврзаниците на ЈПГ/ПКК организираат демонстрации во различни градови во Германија, и напаѓаат џамии и деловни објекти, како и културни центри кои припаѓаат на Турците.
При нападите повредени се 15 турски граѓани од кои еден е со тешки повреди. Турција во нотата испратена до Германија побара зголемување на мерките против терористичката организација, а исто така да се преземат мерки за заштита на турската заедница и институциите.
- Германското разузнавање само гледа
Извештаите на германската Агенција за внатрешно разузнавање (BfV), објавени неодамна, покажуваат дека ЈПГ/ПКК сè повеќе е насочена кон акти на насилство и дека водечките лица на терористичката организација ги охрабруваат младите луѓе на насилство.
Според официјалните бројки, злосторствата извршени од припадниците на ЈПГ/ПКК се зголемиле за повеќе од 80 проценти во 2018 година во однос на претходната година и достигнале до бројката 1.873. Според полициската статистика, 305 од овие кривични дела претставуваат акти на насилство.
Според извештајот на Агенцијата за внатрешно разузнавање (BfV) за 2018 година, терористичката организација ПКК во Германија има околу 14.500 припадници.
Германија е еден од најважните центри на терористичката организација во однос на пропагандата, регрутирањето и собирањето пари.
- Од Германија испраќаат луѓе
Германското разузнавање, исто така, внимателно ги следи активностите на ПКК и на ЈПГ за регрутирање луѓе и нивното испраќање во странство за борби.
Во извештајот на Агенцијата за внатрешно разузнавање (BfV) објавен на нејзината веб-страница се истакнува дека неодамна отворените веб-страници на ЈПГ/ПКК, профилите на социјалните медиуми и фестивалите организирани низ цела Германија имале за цел да ги импресионираат младите за да се вклучат во терористичката организација.
Исто така, во извештајот се наведува дека најмалку 250 луѓе од Германија неодамна се испратени во Сирија и Ирак за да се борат, а некои од нив загинале таму.
- Структурирањето во Германија го води Кандил
Поддржувачите на ЈПГ/ПКК во Германија делуваат под маската на културните здруженија, а во јавноста се промовираат како демократски организации и спроведуваат антитурска пропаганда.
Според извештајот на Агенцијата за внатрешно разузнавање (BfV), елементите на терористичката организација ПКК во Германија делуваат во строго хиерархиска структура и во целост ги почитуваат наредбите од Кандил.
- Собраа 15 милиони евра
Според извештајот на германското внатрешно разузнавање, во 2018 година терористичката организација собрала најмалку 15 милиони евра од кампањи за помош низ цела Германија.
Експертите за безбедност проценуваат дека приходите на терористичката организација од шверц на дрога, перење пари и рекетирање се далеку над тоа, и достигнуваат бројка од околу 40 милиони евра.
Терористичката организација во Германија делува во 9 главни и 31 подрегион. Активностите во овие области ги продолжуваат преку одговорните лица на областа.
- Истрагите честопати остануваат без резултати
Германските власти не спроведоа ефективни истраги за активностите на ПКК, која е забранета во земјата од 1993 година. Приврзаниците на терористичката организација вклучена во криминал честопати се казнуваат со парични казни или пак, се ослободуваат со лесни казни.
Федералното обвинителство помеѓу 2011-2017 година отвори истрага само за 387 членови на ПКК, под обвинение за членство во терористичка организација или пак, за поддршка на терористичка организација. Но повеќето од овие истраги резултираа со мали казни.
Во последно време, само 11 високи членови на ПКК се осудени на затворски казни. Затворските казни се движат од 2 години и 6 месеци до 4 години и 6 месеци.