Германија ќе ги продолжи контроверзните гранични контроли и по септември
– Германија ќе ги продолжи граничните контроли и по септември, со цел да се ограничи илегалната миграција, соопшти денес конзервативниот министер за внатрешни работи на земјата, Александер Добринд

БЕРЛИН (АА) – Германија ќе ги продолжи граничните контроли и по септември, со цел да се ограничи илегалната миграција, соопшти денес конзервативниот министер за внатрешни работи на земјата, Александер Добринд, јавува Анадолу.
„Граничните контроли се покажуваат како ефикасни и сакаме да ја задржиме таа ефикасност. Затоа ќе продолжат и контролите и одбивањата на граница“, изјави Добринд за „Тејбл медија“.
Првично, привремените гранични контроли на Германија со земјите од шенген-зоната требаше да завршат во средината на септември.
Според правилата на ЕУ, членките можат да воведат привремени контроли само во исклучителни ситуации, а овие мерки беа остро критикувани од нејзините соседи.
Добринд, кој е близок сојузник на канцеларот Фридрих Мерц, истакна дека ваквите мерки се неопходни додека не се постигне заедничко европско решение за миграцијата и не се зајакне надворешната граница на ЕУ.
„Не сме сами во овие мерки за заштита на границите – многу европски партнери спроведуваат слични мерки и постои консензус дека овој инструмент треба да постои уште некое време“, додаде тој.
„Ќе продолжиме да ги одржуваме овие мерки, да ги задржиме граничните контроли и одбивањата и по септември“, додаде тој.
За време на изборната кампања во февруари, Христијанско-демократската партија на Мерц вети построги мерки против нерегуларната миграција. Откако формираа влада во мај, тие воведоа построги гранични контроли со соседните земји, иако станува збор за земји членки на ЕУ.
Мерките на Германија предизвикаа тензии, особено со источниот сосед Полска. Како одговор, Полска воведе реципрочни привремени контроли на границата минатиот месец, обвинувајќи ја Германија дека турка мигранти кон полска територија.
Изминатиот викенд, полската Влада објави дека ќе ги продолжи привремените гранични контроли со Германија и Литванија до 4 октомври.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.