Ekipa
03 Август 2022•Ажурирај: 04 Август 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска ја обвини Русија за редуцирање на протокот на гас преку гасоводот „Северен тек 1“ и го отфрли тврдењето на „Гаспром“ дека прекините биле резултат на правни и технички проблеми, јавува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларот Олаф Шолц рече дека турбината за гас поправена во Канада чека за трансфер во „Сименс енерџи“ во западна Германија, но дека нејзината испорака била одложена бидејќи руските власти не ги презеле потребните чекори.
„За мене е важно да се разјасни дека оваа турбина е подготвена за употреба во кое било време. Нема ништо што ја спречува да биде транспортирана до Русија“, им рече Шолц на новинарите за време на посетата на „Сименс енерџи“ во градот Милхајм на Рур.
„Руската компанија треба да нѐ информира дека ја сака оваа турбина и треба да ги обезбеди потребните царински документи за транспорт во Русија“, додаде тој.
Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ значително го намали протокот на гас преку гасоводот „Северен тек 1“ минатиот месец, наведувајќи го како причина невраќањето на турбината на „Сименс“ во Русија по ремонтот во Канада.