Erbil Başay
08 Јануари 2024•Ажурирај: 10 Јануари 2024
БЕРЛИН (АА) - Германија нема да се спротивстави на продажбата на авиони Еурофајтер на Саудиска Арабија, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, пренесува Анадолу.
Баербок разговараше со новинарите по средбата со израелскиот претседател Исак Херцог и министерот за надворешни работи, Израел Кац, во Кудс (Ерусалим), јави германската новинска агенција ДПА.
Истакнувајќи дека Саудиска Арабија придонесува за безбедноста на Израел со пресретнување на проектили истрелани врз таа земја од јеменските бунтовници Хуси, Баербок рече дека поради оваа причина, „германската Влада нема да се спротивстави на идејата Велика Британија да ѝ даде повеќе Еврофајтери на Саудиска Арабија.“
Таа истакна дека „Саудиска Арабија е клучен придонесувач за безбедноста на Израел и помага да се запре ризикот од распламтување на регионот.“
Баербок нагласи дека Ријад одамна е свесен за опасноста што ја претставуваат Хусите за безбедноста на регионот.
Германија претходно се спротивстави на продажбата на оружје на Саудиска Арабија.
Бидејќи Еурофајтер е заеднички проект на Велика Британија, Италија, Германија и Шпанија, потребно е германско одобрение за продажба на борбените авиони.
Хусите таргетираа бродови во јужниот дел на Црвеното Море, предупредувајќи дека ќе ги нападнат сите бродови кои пловат кон Израел. Хусите нагласија дека нападите се со цел поддршка на Палестинците кои се соочуваат со израелска „агресија и опсада“ во Газа.
Црвеното Море е еден од најчесто користените поморски патишта во светот за испорака на нафта и гориво.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин неодамна најави создавање на мултинационална мисија за спротивставување на нападите на Хусите.
Израел започна воздушни и копнени напади врз Газа по прекуграничниот упад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври минатата година. Во израелските напади досега загинати се најмалку 22.800 Палестинци, а повредени се над 58.400.
Се смета дека во нападот на Хамас загинати се речиси 1.200 Израелци.
Израелските напади ја оставија Газа во урнатини, со 60 отсто од инфраструктурата на енклавата оштетена или уништена, со речиси 2 милиони жители раселени, а постои и сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.