Ayhan Şimşek
07 Ноември 2019•Ажурирај: 08 Ноември 2019
БЕРЛИН
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ денеска откажа речиси 700 летови, поради штрајк на нејзиниот кабински персонал во долготрајниот спор околу платите, јавува Anadolu Agency (AA).
Синдикатот УФО (UFO) потврди дека добил понуда од страна на управата на „Луфтханза“ за преговори, но истакна дека ќе го продолжи штрајкот и во текот на утрешниот ден.
Портпаролот на синдикатот, Николи Баблис, за новинарите изјави дека со управата на компанијата ќе преговараат во текот на викендот за изнаоѓање евентуално решение.
„Доколку преговорите не успеат, в понеделник ќе ги објавиме другите датуми за штрајк“, истакна тој.
Компанијата преку Твитер соопшти дека поради штрајкот морала да откаже речиси 700 летови закажани за денеска, и околу 600 летови закажани за утре.
Со откажаните летови се погодени речиси 180.000 патници.
Во текот на неделата, Синдикатот повика на 48-часовен штрајк за денеска и утре, барајќи подобри плати и услови за кабинскиот персонал на „Луфтханза“, кој брои речиси 21.000 лица.
„Луфтханза“ долго време не го признаваше правниот статус на Синдикатот (UFO) и за тоа дека има право да преговара за колективните договори со компанијата.