БЕРЛИН
Дописникот на АА направи проценка на податоците објавени во Извештајот за политичките злосторства во 2020 година, што го изготвија германското Министерство за внатрешни работи и Федералната канцеларија за криминал, известува Агенција Анадолија (АА).
Врз основа на тоа, се доаѓа до заклучок дека во Германија се извршени 44.692 политички злосторства во 2020 година. Од нив, 23.604 се извршени од екстремни десничари, додека 10.971 од екстремни левичари. Поголемиот дел од преостанатите 10.117 кривични дела не е категоризиран.
Екстремните десничари во 2020 година извршија 23.604 злосторства, што претставува зголемување од 5,65 % во споредба со 2019 година и го достигнаа највисокото ниво од 2001 година досега.
Во Германија екстремната десница изврши 23.555 злосторства во 2016 година, 20.520 во 2017 година, 20.431 во 2018 година и 22.342 во 2019 година.
Минатата година, 13.659 од злосторствата извршени од екстремната десница се објаснуваат како пропагандни злосторства, од кои 2.589 биле навреда, а 3.877 биле евидентирани како кривични дела за поттикнување.
- Девет лица ги загубија животите како резултат на насилство на екстремни десничари во 2020 година
Насилните дела на екстремната десница во 2020 година се зголемија за 10,8 % во споредба со една година претходно.
Додека 1.092 екстремно десничарски акти на насилство се извршени во 2020 година, оваа бројка во 2016 година изнесуваше 1.698, во 2017 година - 1.130, во 2018 година - 1.156 и во 2019 година, 986.
Минатата година 9 лица починаа, а 903 лица беа повредени како резултат на насилство на екстремни десничари.
- Зголемување на злосторства поради исламофобија и ксенофобија
Според Извештајот за политички криминал, злосторствата поради исламофобија извршени во Германија во 2020 година се зголемени за 8 % во споредба со претходната година.
Додека 1.026 злосторства поради исламофобија се регистрирани во 2020 година, оваа бројка во 2019 година изнесуваше 950, во 2018 година се регистрирани 910 злосторства, а во 2017 година, 1.075.
Минатата година извршени се 103 напади врз џамии, 100 напади врз цркви и 24 напади врз синагоги.
Во извештајот се посочува дека поголемиот број од овие злосторства ги извршиле десничарски екстремисти.
Во категоријата „напади врз верски претставници“ евидентирани се 2.217 кривични дела. Од нив околу 70 % се категоризирани како антисемитизам, а 25 % како злосторство поради исламофобија. Се вели дека 90 % од злосторствата се извршени од страна на екстремната десница. Во 2020 година, злосторствата поради ксенофобија се зголемија за 19,1 % во споредба со 2019 година.
Евидентирани се 7.318 злосторства поради ксенофобија во 2019 година, а оваа бројка се зголеми на 8.706 во 2020 година.
Во Германија поради ксенофобија се заведени 7.318 злосторства во 2019 година, а оваа бројка се искачи на 8.706 во 2020 година.
- Злосторства извршени од екстремни левичари
Исто така, има зголемување на злосторствата извршени од екстремни левичари во последните три години.
Додека на ова поле се регистрирани 9.849 кривични дела во 2019 година, оваа бројка се зголеми за 11,39 % во 2020 година и изнесува 10.971. Во 2018 година регистрирани се 7.961 кривично дело.
Екстремните левичари извршија 1.526 акти на насилство во 2020 година во кои се повредени 532 лица.
- Најголемата закана за безбедноста на земјата претставува екстремната десница
Наведувајќи дека злосторствата извршени од политички мотиви се значително зголемени, германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, изјави: „Овие бројки се алармантни“.
Посочувајќи дека бројката на злосторства од страна на екстремните десничари во последната година достигна рекордно ниво од 2001 година досега, кога започна да се врши нивно регистрирање, министерот Захофер рече: „Екстремната десница продолжува да биде најголемата закана за безбедноста на нашата земја.“
Истакнувајќи дека сите форми на екстремизам се закана за државата и општеството, Зехофер додаде: „На сите законски начини мораме да се бориме против нив.“
Холгер Минхен, претседател на Федералната канцеларија за криминал, истакнувајќи дека статистичките податоци наведени во извештајот покажуваат на степенот на социјални тензии и зголемената радикализација во некои делови од населението, рече: „Не нѐ очекува некое олеснување ниту во 2021 година. Од таа причина ги прошируваме нашите мерки и капацитети, особено во борбата против екстремните десничарски и злосторствата од омраза.“
Во последниот извештај на Агенцијата за заштита на Уставот, која е одговорна за Разузнавачките служби во земјата, наведено е дека повеќе од 32.000 лица во Германија се припадници на екстремната десница, од кои над 13.000 се припадници на насилното крило. Околу 19.000 од нив се припадници на различни екстремно десничарски партии или групи.
Во извештајот се наведува дека во Германија има приближно 34.500 луѓе, „екстремни левичари“, од кои 9.200 се склони кон насилство.